Поддржуваме „Една Кина“ – ја уверил Гаши кинеската амбасадорка по нејзината остра реакција кон Милошоски
Како што информираат од собраниската прес-служба, станува збор за прва средба на Гаши со кинеската амбасадорка.
Инаку, таа доаѓа само два дена по средбата што во парламентот ја имаа пратеникот и потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски и неговите двајца колеги – пратеникот од редовите на СДСМ, Фатмир Битиќи и пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, со делегација на Тајван предводена од шефот на канцеларијата на Тајванското претставништво во Рим – Италија, Винсент Цаи.
Средбата на тројцата пратеници со тајванската делегација го налути официјален Пекинг, кој со отворено писмо на Амбасадата во Скопје остро реагираше до потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски.
Во соопштението од кабинетот на Гаши не се наведува дали било разговарано за претходната средба, но од содржината и наративот, може да се насети дека станало збор и за ова прашање.
„Претседателот Гаши беше дециден дека релациите меѓу двете земји се одлични, со голема почит кон традицијата, историјата, независноста и суверенитетот, со поддршка на концептот ‘Една Кина’. Двете земји имаат долга историја на соработка, уште од нашата независност, три децении почит и соодветна комуникација. Кина како втора светска економска сила, е најголемиот трговски партнер на нашата земја надвор од Европа. Во Собранието традиционално се формира Пратеничка група за соработка со Кина, која претставува линк меѓу Парламентите на двете држави“,рекол собранискиот спикер на средбата со кинеската амбасадорка.
На средбата било посочено дека соработката меѓу двете земји се одвива на сите полиња – од економија, инфраструктура, бизнис, до образование, култура и спорт, а во насока на нивно продлабочување биле и иницијативите и заложбите на амбасадорката Сиаојан.
Таа, како што се наведува во соопштението, на Гаши му ја пренела поканата од претседателот на Сенародниот кинески конгрес за посета на Кина, што од страна на спикерот било прифатено и оценето како огромна придобивка во зајакнувањето на парламентарните односи.

Вчера, Амбасадата на Народна Република Кина во земјава упати остра реакција до претседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, поради средбата со делегацијата на Тајванското претставништво во Рим.
Средбата од кинеската амбасада ја оценија како „тежок погрешен чин“ што го крши принципот „една Кина“ и ја поткопува политичката основа на билатералните основи меѓу двете земји.
Обраќајќи се директно до пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, од Амбасадата упатуваат неколку прашања до него во кои бараат како потпретседател на Собранието внимателно да го слушне гласот на народот.
„Господинот потпретседател често се фали дека е избран претставник, тврдејќи дека ја претставува волјата на македонскиот народ. Тогаш Ве молам внимателно слушајте го гласот на народот. Дали грубото кршење на политичките ветувања и договорните обврски е во корист во заштита на меѓународниот имиџ на Северна Македонија? Дали последиците од отвореното поткопување на основните интереси, територијалниот интегритет и националното достоинство на голема сила – додека се повредуваат чувствата на над 1,4 милијарди на пријателски кинески народ – се темелно проценети? Дали напуштањето на огромен пазар, идните можности за развој и ветувачките перспективи за соработка - овој кратковид чин на ‘штеди на ситно, губи на крупно’ – е навистина во согласност со фундаменталните и долгорочни интереси на македонскиот народ?“,се наведува во писмото.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ за „360 степени“ во три поенти го сумираше својот коментар на писмото од кинеската амбасада, наведувајќи дека официјалната политика на Македонија кон НР Кина останува непроменета, со почитување на принципот на нивната сувереност и територијалниот интегритет на една Народна Република Кина, дека средбата со тајванската делегација била од куртоазен карактер, без никаков дипломатски предзнак, а во знак на благодарност за нивната поддршка на Универзитетската клиника за педијатрија, како и дека различните мислења и ставови се нормална и очекувана појава во секое демократско општество.

За потсетување дипломатски претставници на Народна Република Кина, преку телефонски повици и електронска пошта, лани во јули се обидоа да премислат пратеници од парламентите на пет држави, меѓу кои и од Северна Македонија, да не учествуваат на годишниот самит на Интерпарламентарната алијанса за Кина (ИПАК), што се одржува во Тајпеј, Тајван.
Веста тогаш ја објави новинската агенција Асошиејтед прес (АП). Претставници од Северна Македонија на самитот на ИПАК беа Антонијо Милошоски, и неговиот колега од СДСМ, Фатмир Битиќи. И двајцата, тогаш добија повици од Амбасадата на Народна Република Кина во земјава пред нивното заминување за Тајпеј, но тоа не ги спречи да одат на самитот.
Односите меѓу Македонија и Кина беа нарушени во 1999 година, кога тогашната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Љубчо Георгиевски, заедно со коалицискиот партнер Демократска алтернатива на Васил Тупурковски донесе одлука да ја признае независноста на Тајван. Како одговор, Кина ги прекина дипломатските односи со Македонија, кои по две години беа повторно обновени.






