Убиен водач на навивачката група на Партизан од Земун — Белград во состојба на зголемена безбедносна мобилизација

Млад маж, идентификуван како 23-годишниот Тадија Пантиќ од Земун, е убиен денеска околу 11:45 часот во Нов Белград. Според српските медиуми, двајца напаѓачи на скутер без регистарски таблички му се доближиле, се вратиле назад и пукале во него со рафален оган.

Пантиќ бил погоден во главата и телото. Починал на самото место, зад трафика на булеварот „Арсенија Чарнојевиќ“, во близина на спортска обложувалница. Нападот го слушнале бројни минувачи, кои во паника се разбегале.

На лице место брзо пристигнале екипи на Брза помош и полицијата, која веднаш го обезбеди просторот и започна увид. Подрачјето е покриено со голем број надзорни камери, кои веќе се анализираат.

Според првичните информации, скутерот што го користеле убијците е пронајден подоцна запален на Вождовац.

Семејството и пријателите на Пантиќ пристигнале веднаш по нападот. Неговата сестра, видно потресена, ги молела полицајците да ѝ дозволат да го види брат ѝ.

Тадија Пантиќ важел за лидер на навивачката група на Партизан од Земун и претходно двапати бил мета на напади, кои ги преживеал.

Поради убиството во Белград е активирана полициската акција „Вихор 3“, а интензивно се трага по напаѓачите.

Извор: skopje1.mk

 

Back to top button
Close