Наследникот на Путин?!
„Мирот е време кога синовите ги погребуваат своите татковци, а војната е време кога татковците ги погребуваат своите синови“ вели Херодот.
Во една многу гледана емисија на руската телевизија, авторот Владимир Соловјов вели „Да, точно е дека не победивме, но сите се виновни освен Путин. Нашата економија се урива, а сите се виновни освен „царот“!

Веќе имаме план од 28 точки за завршување на војната во Украина. Специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, и американскиот државен секретар Марко Рубио „тивко“ работеа на тој план, изјави портпаролката на Белата куќа – Каролин Ливит. Планот го изготви Стив Виткоф, претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, со помош на државниот секретар Марко Рубио и зетот на Трамп, Џаред Кушнер. Тие беа во контакт со рускиот претставник Кирил Димитриев, кој за „Аксиос“ изјави дека е оптимист оти „руската позиција навистина се слуша“. Потоа, Виткоф и Кушнер разговараа и со Рустем Умеров, советник на украинскиот лидер Зеленски. Според „Аксиос“, планот на Трамп за Украина треба да ги вклучи и Катар и Турција, слично на мировната иницијатива за Газа.
Јавноста сега се подготвува, а неговото прифаќање се очекува во наредните денови. Интересно е што во планот се споменуваат само Донецк и Луганск како отстапени територии, но Запорожје и Херсон се изоставени! Кремљ не штеди топовско месо за да создаде впечаток кај јавноста дека победата е нивна! Иако само пред некој ден, во одделните руски републики, беспилотни летала уништија голем воен потенцијал вреден 1,4 милијарди долари, и дополнителни 200 милиони долари (транспорт на 250 камиони од Кина, наводно со храна, но всушност имало оружје кое било целосно уништено).
Американскиот функционер потврди дека администрацијата го гледа планот како „жив документ“ што може да се промени врз основа на разговори со сите засегнати страни. Функционерот тврди дека Украина реагирала позитивно на многу точки за време на преговорите. „Вложуваме сериозни напори да најдеме решение што ќе ја заврши војната во Украина, на ист начин како што ја завршивме војната во Газа. Веруваме дека овој план не е лесен, но е добар за Украина“, рече висок функционер на Белата куќа.
На Путин му се брза!
Внатрешната состојба во Русија е драматична. Федерална служба за безбедност (наследничка на КГБ), веќе почна да апси генерали и официри. Таа служба е претворена во чувар на Путин од незадоволната војска. По смена на министерот за одбрана Сергеј Шојгуј, беа притворени генералите Јуриј Кузнјецов, Иван Попов и Владимир Шарамин, наводно за корупција. А кремот на меѓусебното убивство беше мистериозниот пад на авионот на Пригожин, кој се осуди со воени сили да тргне против режимот на Путин. Потоа во притвор заврши и заменикот министер за одбрана Тимур Иванов. Практично, Федерална служба за безбедност драматично се меша на Воено безбедносната служба. Па оттука, општа збрка на кој податоци да се верува. А за време на војната не ѝ се верува ниту на вистината. Во Русија никој не е безбеден, оти Путин настојува со сите стредства да го контролира енормното незадоволство во руското општество поради слабиот успех на војната со Украина, а башка падот на животниот стандард, банкротирања на бројни големи компании, инфлацијата, корупцијата, санкциите итн.
Очигледно на Путин му се брза оти му гори под нозе. Да потсетиме дека поранешниот Советски Сојуз се повлекол од Афганизтан поради загуба на сaмo 15.000 војника, а сега се случува за само неколку недели таа бројка да се надмине. Дури над 40 отсто од сојузниот буџет се троши за војната. ММФ дури го намали рускиот економски раст од 1.5 отсто на 0.9 отсто.
Руски федерални единки барат отцепување
Koлку е земја поделена покажуваат големите реакции по бројни федерални единки на Руската федерација. Русија има 83 региони, а бројни од нив во полседно време покажуваат снажно тежнеење кон независност. Москва настојува нив да ги контролира со страв, сила и пари, но без резултати. Путин се плаши да регрутува Руси, па тргна кон сиромашните републики. Во Башкотостан има скоро секојдневни протести против дискриминаторска регрутација. Во Дагестан, Калмикоја и Северен кавказ има жестоки протести. Мајките блокираа патишта, а верските водачи јавно повикаа на бојкот. Тоа се случува и во Бараци и Тува, кои граничат со Монголија. Имено, овие луѓе повеќе не се чувствуваат како граѓани на Русија, туку како топовско месо. Тие се насилно товарени на вагони како жив добиток, а се враќаат во ковчези. Нивните живи тела најчесто патуваат само во еден правец. Додека овие кутрите сонуваат живот, синовите на руските олигарси водат живот од соништата. Таму живее изреката – „Во време на војната, богатите даваат волови, а сиромашните даваат синови“.
Всушност, скоро целата средна и источна Русија е на некаков бунт. Татаристан го бара претходниот систем што пред некоја година го укина Путин. Тие во континуитет се во востание, оти имаат чувстото дека се под окупација. Во Ингушетија и Башкортистан веќе врие. Слична ситуација постои и на далечниот исток од земјата – Бурјатија, Хабаровск и Владивосток. Тие веќе функционираат како посебни држави и се потесно поврзани со Кина, Јапонија и Јужна Кореја отколку со Москва. Руските републики – Јакутија и Барујатија произведуваат дијаманти. Минатата година, од Москва беа земени дијаманти во вредност од над 4 милијарди долари, а само 2 проценти беа вратени на овие републики. Слично е и на Далечниот Исток. Во Јакутија, просечната месечна плата е околу 500 долари, а во Москва е над 2.300 долари. А Чеченија е уникатен пример за приватна држава. Беше воено прегазена како целина, а потоа Кремљ склучи договор со Кадировците (татко и син), кои ја претворија Чеченија во своја приватна тоталитарна држава. Затоа на Путин многу му се брза. За него, вистински страв не е НАТО, ниту САД или ЕУ, туку внатрешното вриење во Руската Федерација која се движи кон крвав распад.
ЕУ не е беш среќна!
Германскиот министер за надворешни работи Јоханес Вадефул изјави: „Не сме информирани за планот од 28 точки“. Имено, Европејците претходно планираа да ги користат замрзнатите руски средства за модернизација на украинското оружје, но тоа не успеа, барем засега. „Тоа би бил најсилниот инструмент за да се убеди Москва да преговара и да ја заврши оваа ужасна војна“, рече Вадефул. Зборувајќи за соработката со Франција и Велика Британија, но и во рамките на ЕУ во помагањето на Украина, Мерц рече дека „ќе се направи сè“ за подобрување на нејзината воздушна одбрана.
Да се надеваме само дека ова нема да личи на договорот со Хитлер за анексија на Судетската област (Чехословачка) во 1938 година, кога британскиот премиер Чемберлен и италијанскиот премиер Мусолини рекоа дека изборот е помеѓу војна и нечесност. И тие сепак ги избраа и двете, бидејќи Германците потоа ја започнаа својата светска војна.
Сепак, агресивната политика на Путин, Русија ја доведе до пресврт. Русија има милиони ненаселени квадратни километри. Нејзиното население се очекува да падне под 50 милиони до крајот на векот. Таа сега со окупационен менталитет ги загуби довшерашните „браќа“ Казастан, Туркенистан, Киргистан, Таџикистан со кои држави сега паметна Кина тесно соработува со помош на проектот „Roud and Bellt“ во вредност од стотина миљарди долари. Сето ова, вклучително и војната, е само поради личниот егоизам на Путин, кој сака да остане претседател доживотно. Во демократија ова е невозможно, а и во Русија, која Путин ја доведе до оваа состојба, ова е веќе невозможно. Тој ќе мора што поскоро да најде наследник, пред тој сè уште непознат наследник да го пронајде него!






