Продолжен притворот за шестмина осомничени за злоупотреби во прилепската болница

Прилепскиот Основен суд го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство и им го продолжи притворот до 30 дена на шесте лица во случајот со злоупотреби во прилепската болница – потврдува претседателката на основниот суд во Прилеп, Јасмина Шишковска.

-Притворот е продолжен на шесте лица. Тоа го одлучи кривичниот совет при Судот, но постои можност за жалба. Поднесени се жалби до Апелацискиот суд во Битола за продолжувањето на притворот – вели Шишковска.

Според информациите од Јавното обвинителство на Македонија, прилепското основно обвинителство ја продолжува истрагата против 32 физички и правни лица за сомнежи со јавни набавки во болницата со која институцијата е оштетена за околу 700.000 евра.

Обвинителството донесе наредба за спроведување истрага против вкупно 32 лица – 16 физички, седум правни, а девет други осомничени се гонат по скратена постапка.

Тие се осомничени за кривичните дела – Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство како и проневера во службата. Со пријавата се опфатени и дејствија на несовесно работење, злоупотреба на службената положба и овластување, фалсификување или уништување деловни книги и други кривични дела за дел од осомничените, кои обвинителството исто така ги испитува – соопштува прилепското обвинителство.

Back to top button
Close