Русија победи а Америка, НАТО и ЕУ изгубија
Денко Малески
Во својот мировен план од 28 точки, чија судбина е сè уште неизвесна, Доналд Трамп ги вметна практично сите барања на Русија. Тој, за разлика од европските политичари, знае дека мировните договори се рефлексија на реалноста, а реалноста е дека Русија победи а Америка, НАТО и ЕУ изгубија. Западниот план да се сруши автократскиот режим на Путин со најсилните економски санкции наметнати врз една држава и најмодерно оружје за украинската армија која се подготвуваше за оваа војна последниве десетина години, не успеа.

Погрешната проценка на Америка и на Европа за моќта оваа огромна земја да го издржи сето тоа, предизвика ужасна трагедија за храбрите Украинци кои изгинаа на бојното поле и за иднината на остатокот од државата. Крстоносната војна на Западот во името на демократијата доживеа дебакл. Зашто, во меѓународната политика не одлучува моралната супериорност на „вредностите“ туку силата на оружјето. А кога голема сила бара да се земат предвид нејзините безбедносни грижи, како што тоа, со години, упорно го бараше Русија, мора да се има слух и да се бара дипломатско решение. Во спротивно, загрозен е мирот во светот, а во нуклеарната ера, загрозен е и опстанокот на човештвото.
Можете да ја оградите Русија, таа огромна евро-азијска земја, со ѕид, вели еден аналитичар, и таа ќе опстанат зашто поседуваат се што е потребно да преживее.Значи, како што се виде, економски санкции не можат да ја фрлат на колена. Што се однесува до оружјето, Русија, нуклеарната сила со најмногу атомски проектили, 6000, способна да го преориентира своето производство кон воена економија, заедно со пет пати поголемо население од противникот, изворот на нови трупи, едноставно не може војнички да изгуби. За тоа беше свесен американскиот претседател Барак Обама, кој во едно заборавено интервју ќе рече: Мораме да внимаваме што ќе прогласиме за „егзистенцијално прашање“. За нас, Украина не е такво прашање, суштинско прашање, стратешко прашање. Најлошо што можеме да сториме е да им кажеме на Украинците дека можат да победат во вооружена битка против Русите. Важно е кој ја води државата, зашто неговиот наследник во Белата куќа, Џо Бајден го стори токму она против кое предупредуваше Обама. Ги поттикна Украинците на војна. Но, само три месеци по почетокот на руската агресија врз Украина од февруари 2022, Путин, и натаму, браше мирно решение за руската безбедносна дилема. Повторувјаќи дека на Русија не и треба територија туку разбирање на Западот за нејзините безбедносни грижи со инсталирањето на воените ефективи на ривалската голема сила на нејзините граници со Украина, Путин беше спремен да потпише мировен договор со кој Украина денес ќе беше цела.
Неутралност на Украина и автономија за руското население во Донбас беа руските барања.
Но, емисарот на Бајден, британскиот премиер Борис Џонсон, познат како „Боџо“, го разубеди Зеленски во намерата да склучи мир. Дури тогаш Путин тргна во офанзива и не со намера да ја освои цела Украина, уште помалку Источна, а најмалку Западна Европа, туку војнички да издејствува прифаќење на неговите барања кои беа на масата од самиот почеток на кризата: нема НАТО за Украина и има права за Русите во Донбас. Денес, со народот обединет зад неговата политика и како победник во еден специфичен вид војна наречена „војната на исцрпување“ ( war of attrition), со крвта на млади Руси пролеана на бојното поле, за Путин нема назад. Како победник, не сака работите да останат на прекин на огнот туку бара да се адресираат причините за војната и тие да се отклонат. Мировниот предлог од 28 точки на Трамп, вели Путин, е добра основа за мир.
Но со ова не се согласува ЕУ која истапи со своја верзија на планот. Се има впечаток дека европските политичари се во некаков транс и мислат дека живеат во униполарниот момент кога Западот на чело со Америка диктираше решеније согласно меѓународниот правен поредок. Читајте внимателно што рече некни Каја Калас, одговорна за надворешна политика во ЕУ, и прашајте се во кој свет живее таа: бидејќи Русија е агресор а Украина жртва,Украина треба да ги диктира условите за мир!? Вчера, на состанок со Марко Рубио во Женева, целиот сојуз продолжи со истата нормативна логика. Бара почитување на принципот на неповредивост на границите, одбива признавање на окупираните територии за дел од Русија и не се согласува со разоружување на Украина. Освен во македонската политика, уште не сум видел такво отсуство на разбирање за реалните меѓународни односи – не сум видел таков нормативен пристап кон светската политика кој нема контакт со реалниот свет.






