Народна банка: Отсега плаќања во евра од и кон Србија во рамките на СЕПА


Народната банка информира дека со приклучувањето на Република Србија кон системот СЕПА (Single Euro Payments Area), граѓаните и компаниите од Македонија отсега можат да вршат плаќања во евра кон Србија.

Овој чекор се очекува сериозно да ја олесни економската размена меѓу двете земји, имајќи предвид дека Србија е континуирано меѓу петте најзначајни трговски партнери на нашата земја.

Оваа новина, како што соопшти Народната банка на РСМ, во пракса значи побрзи и поефикасни прекугранични плаќања во евра со Србија, значително пониски надоместоци во споредба со традиционалните канали за плаќање и поедноставни процедури за плаќања и приливи.

Освен за бизнис-секторот, оваа новина е од големо значење и за многубројната дијаспора, како и за долгогодишните економски, семејни и традиционални врски меѓу двете земји, овозможувајќи поевтини и побрзи трансфери кон и од Србија.

Од Народната банка додаваат дека продолжуваат со активната работа на интеграција во европските платни системи, со цел да се обезбедат модерни и евтини финансиски услуги за сите корисници.

Back to top button
Close