Прилепскиот мермер – тајната врска меѓу Версаче и Шанел

Дијамантските пили пригушено ржат на изгрејсонце, додека првите зраци се лизгаат по белите ѕидови на мермерниот басен кај Плетвар. Во овој природен амфитеатар, меѓу вертикални блокови високи како антички храмови, работниците брзо и прецизно ги сечат огромните блокови „Сивец“ – камен кој го води Прилеп подалеку од границите на земјава.

Прилеп одамна не е само град на „жолтото злато“ тутунот. Поради прочуена млечна структура на мермерот го освои светот. Од овде секое утро тргнуваат тешки шлепери кон Европа, Азија и Африка, носејќи камен што ќе стане дел од фасади, подови и ентериери во престижни банки, палати, музеи и приватни резиденции.

Наоѓалиштето на мермер „Сивец“, наречено според ридот, е прв рудник во светот по производство на бел мермер, еден од најпознатите и најбарани мермери.

-Мермерот се експлоатира со помош на најмодерната светска технологија, дијамантски алатки. Ова наоѓалиште за мермер го користеле старите Асирци, Месопотамците, Египќаните, Римјаните, Византијците. Старите антички градови се градени од прилепски мермер, велат технолозите.

Ако ги прашате Прилепчани, денес парчиња од ова прилепско богатство стојат во Белата куќа, во токиските палати на модните империјалци Версаче и Шанел, во африканските претседателски резиденции и на подовите на европските финансиски центри.

-Половина Багдад е изграден со нивниот мермер,  се шегуваат тие.

Светски познатиот германски археолог Хајнрих Шлиман, човекот што ја откопа Троја, во својата книга „Троја“ упатува на тоа дека при археолошкото расветлување на древната град-држава пронашол многу градби и скапоцени дела од мермер од прилепскиот мермерен басен.

Домашната археологија нема многу податоци за тоа од кога и каде се употребувал прилепскиот мермер. Нивното научно толкување за експлоатацијата и за користењето на прилепскиот мермер е дека датира од старомакедонско време и подоцна во римскиот период. При ископувањата во Стоби, Хераклеја, Скупи, Вардарски Рид, Исарот, Шлегово и во Виничко Брдо и на други македонски археолошки наоѓалишта, најдени се фигури и скулптури изработени од блокови од мермерот од Прилеп.

 

 

Back to top button
Close