Левица: Потребни се субвенционирани квалитетни контрацептивни средства за жртвите на семејно насилство
Антифашистичкиот фронт на жените при Левица (АФЖ) сподели сведоштво од жена која, поради семејно и сексуално насилство, била принудена да користи евтина контрацептивна спирала, што довело до сериозни здравствени компликации и итна операција.

Таа порачува дека многу жени-жртви немаат финансиски можности за поквалитетни медицински средства и апелира државата да ги субвенционира.
Жртвата нагласува дека поддршка добила главно од организации и од АФЖ – Левица, како и од пратеничката Јована Мојсоска, но не и од институциите.
Од АФЖ велат дека целосно застануваат зад иницијативата државата да обезбеди пристап до безбедни и квалитетни контрацептивни средства за жените-жртви, како дел од пошироката борба за нивните права.
Кампањата на АФЖ за 16-те дена активизам се одвива под слоганот: „Не трпи! Не молчи! Едуцирај се, охрабри се! Делувај!“
Организацијата вели дека работи на подигање на свеста, споделување сведоштва и онлајн едукација поврзана со Истанбулската конвенција.
АФЖ потсетува дека насилството врз жените во земјава расте и дека е неопходна институционална реакција. Од таму упатуваат апел: „Стоп за насилството!“






