Се продава огромно конфискувано земјиште на Мијалков, во Морани, за почетна сума од по 5 евра за квадрат
Агенцијата за управување со одземен имот објави оглас за продажба на конфискувано земјиште од поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Станува збор за огромна парцела од 56.818 метри квадратни, која ќе се продава по почетна сума од 277.161 евра, или по 5 евра од квадрат. Овој имот беше одземен од Мијалков за случајот ,,Империја”, кој го застапуваше обвинителката Лиле Стефанова.
Земјиштето се наоѓа во Морани, Општина Студеничани, во местото викано Долно Поле.
Објавата на овој оглас трае 15 (петнаесет) дена почнувајки од 25 ноември и ќе трае до 09 декември. Наддавањето пак е закажано за 12 декември.
-Продажбата на конфискуваниот имот од точка 1 од овој Заклучок, ќе се изврши со јавно наддавање по електронски пат, со почетна продажна цена утврдена согласно Процената на Министерството за правда – Биро за процени бр. СВ V- 3/25-8 од 25.03.2025 година, во износ од 17.045.421,00 денари, се наведува во огласот на Агенцијата.
Истиот имот неколку пати беше огласен за продажба и во 2023 година, но немаше заинтересирани купувачи. Тогаш почетната цена беше намалена за една четвртина, но очигледно продажбата не била успешна.
-Продажбата на одземениот недвижен имот да се изврши со јавно наддавање по електронски пат со почетна продажна цена утврдена согласно Процената на Министерството за правда Бирото за судски вештачања бр. СВ /EL V 19/23-11 од 19.4.2023 година, намалена за една четвртина од проценетата вредност, во износ од 12.784.066,00 денари, пишува во една од одлуките на Владата, од пред две години.
Она што е сигурно е дека лично и транспарентно семејството Мијалкови немаа право да си го повратат имотот, бидејќи според новиот Закон за управување со одземен имот, на јавната аукција не можат да се пријават членови на неговото семејство.
Според најновите законски измени, како купувач или закупувачи не можат да се јават ниту брачниот или вонбрачниот другар, роднина во прва линија или до четврти степен во странична линија на осуденото лице.
…






