Нема трага од накитот вреден 88 милиони евра украден од Лувр

Четвртиот осомничен за спектакуларниот грабеж во музејот Лувр во Париз, извршен на 19 октомври, денеска беше официјално обвинет, пренесува француската телевизија BFM.
Француската полиција во вторникот уапсила четворица во рамки на истрагата, од кои едниот веднаш бил обвинет, а тројца биле ослободени по сослушувањето.
Денес обвинение доби и 38-годишен маж од Лавал, кој бил уапсен истиот ден и претходно бил познат на полицијата. Тој се товари за грабеж на накит од колекцијата „Наполеон“ изложена во прочуената галерија Аполо во Лувр.
Истражителите од Бригадата за организиран криминал успеале да го идентификуваат осомничениот благодарение на форензички траги пронајдени на скутер и камион користени при бегството на крадците, како и преку анализирање на снимки од видеонадзор.
Парискиот обвинител Лоре Бекио вчера соопшти дека трите лица уапсени заедно со него се пуштени на слобода.
И покрај интензивната истрага и претходните полициски акции во кои беа уапсени уште три лица осомничени за вклученост во грабежот, украдениот накит, проценет на 88 милиони евра и сметан за национално богатство, сè уште не е пронајден.






