Почина и третиот обвинет за смртта на родилката Кадиева и нејзиното бебе,гинекологот Чалков

Неколку дена откако јавно беше објавена пресудата за двајцата обвинети гинеколози за смртта на родилката Маја Кадиева и нејзиното бебе од Дојран, почина еден од нив, Венци Чалков од Гевгелија. Тој е третиот од четворицата обвинети кои починаа во текот на десетгодишниот судски процес. Породувањето беше извршено во Општата болница Гевгелија.

 

Врховниот суд делумно ја прифати жалбата на Вишото обвинителство Скопје и условната затворска казна на 15 октомври која ја изрече Апелација Скопје, ја преиначи во затворска казна во време од 10 месеци, додека на вториот гинеколог Дончо Москов му ја отфрли жалбата и остана алтернативната затворска казна од шест месеци затвор ако во наредните две години стори ново кривично дело.

 

 

 

Обајцата беа обвинети за кривичното дело Тешки дела против здравјето на луѓето по член 217 став 4 од Кривичниот законик, за кое е предвидена казна затвор од 6 месеци до пет години. Во овој случај беа обвинети и анестезиолозите Зоран Јовановски, кој почина во истрагата, и Томе Ванчев, кој почина пред две години. Смртта на Маја Кадиева и нејзиното бебе се случи на 22 октомври 2015 околу 22.15 часот.

 

Во Основниот суд Велес, во два наврати судијката Габриела Гајдова изрекуваше ослободителна пресуда за гинеколозите, а за анестезиологот Ванчев ефективна осудителна казна затвор. Апелација ги потврдуваше казните, Врховен суд пролетва го врати предметот на ново судење, по што Апелација Скопје досуди условни затворски казни, а во трката со временскиот рок од застарување, на 6 октомври Врховен одржа јавна седница и на последниот ден од рокот на 22 октомври ја донесе одлуката, која беше објавена при крајот на ноември.

 

Оштетениот Димитрие Кадиев со горчина ги доживува овие моменти кои го навраќаат на сопругата Маја и нивната разделба кога заминала предвреме да биде породена со царски рез, оти по зборовите на сега починатиот гинеколог Чалков, следниот ден бил празникот 23 Октомври и можело да се случи во болницата во Гевгелија да нема доктор, иако најавено им било породувањето дека треба да биде околу 2 ноември.

 

„Десет години ја чекав правдата, не можев да претпоставам дека ќе биде долг, тежок и трнлив патот до неа. Тројца од четворицата обвинети починаа. Судијката Гајдова два пати ги ослободуваше гинеколозите, а за сто украдени ќебапи пресуди три години затвор. Судијата известител Ѓоко Ристов од Апелација Скопје три години ја чуваше во фиока жалбата. Резултатот е два отсто доверба во судството“, кажа Кадиев.

 

Врховниот суд го осуди на затворска казна обвинетиот гинеколог Чалков бидејќи тој ја организирал и закажал операцијата без индикација за итност, без навремено екипирање на медицински тим и без претходна координација на тимот. Двајцата обвинети гинеколози, Чалков и Москов, се согласиле да се изврши оперативен зафат- царски рез без навремено екипирање на медицинскиот тим, без негова претходна координација и со анестезиолози во алкохолизирана состојба, пишува во пресудата.

 

Во Основниот суд Велес беше изречена првата осудителна пресуда за гинеколог кому му почина родилка поради обилно крварење. Тоа беше случајот од Општата болница Велес од 3 јуни 2003, со родилката Бојанка Игнова. Осуден беше гинекологот Панче Арсов на 18 месеци затвор. Предметот го водеше судијата Валентин Зафиров и заврши со правосилност за период од три и пол години.

 

Минатата недела, во судот во Струга судијата Јордан Јованов му изрече на струшкиот гинеколог Мухамед Асани максимални три години затвор, затоа што при породувањето на родилката Јилдиз Веашоска од Дебар ѝ отстранил неколку органи, матка, бубрег и јајник, судски процес кој траеше три години, а пресудата не е правосилна

Back to top button
Close