Во првите 12 часа од пробното функционирање на “Безбеден град” регистрирани 65.000 прекршоци
За 12 часа системот „Безбеден град“ (Сејф Сити) регистрирал неверојатни 65 илјади прекршоци, извести на Фејсбук министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Со овој проект започнуваме нова етапа во унапредувањето на сообраќајната безбедност – сторителите на сообраќајни прекршоци ќе добиваат електронско известување за сторениот прекршок, документиран со современи технички средства и уреди за снимање. Нашата цел е јасна: повеќе безбедност, помалку прекршоци и нулта толеранција за несовесно возење, без разлика дали се работи за урбана зона или пат надвор од населено место, напиша тој.
Во првите 12 часа од пробното функционирање на системот биле регистрирани неверојатни 65.000 прекршоци од кои за поминување на црвено светло 2.800 и за нерегистрирано возило 1.000.
Оваа алармантна бројка уште еднаш ја потврдува неопходноста и оправданоста на системот, од кој очекуваме значително подобрување на сообраќајната култура, зголемена безбедност за сите учесници во сообраќајот и намалување на штетите и жртвите на патиштата. Со „Безбеден град“ обезбедуваме подобра дисциплина во сообраќајот, транспарентни процедури и брза електронска комуникација со граѓаните. Овој систем е инвестиција во спасени животи и побезбедни улици за сите. Продолжуваме посветено да ги модернизираме процесите и да го унапредуваме квалитетот на работата на МВР, напиша министерот за внатрешни работи Тошковски.






