Бугарска фудбалска легенда има рак на бубрег, семејството моли за помош

Екс бугарскиот фудбалер Љубослав Пенев, кој сега има 59 години, е во сериозна здравствена состојба откако му беше дијагностициран рак на бубрег и моментално е на лекување на онколошка клиника во Германија.
Бугарските медиуми пишуваат дека Пенев ослабел многу за краток временски период и дека неговото тело е сериозно исцрпено, поради што лекарите засега не можат да применат хемотерапија. Штом јавноста дозна дека поранешниот напаѓач се бори со тешка болест, неговото семејство започна хуманитарна кампања и отвори сметка за собирање помош.
„Денес, една од најголемите бугарски легенди се бори за својот живот. Љубослав Пенев ни даде победи, гордост и сила – сега мора да му дадеме надеж. Ве молиме, да застанеме рамо до рамо и да му подадеме рака на човекот кој никогаш не престана да дава за Бугарија“, се вели во кампањата.
Поддршката за Пенев доаѓа од Бугарија и остатокот од Европа, а ова не е негова прва борба со сериозна болест.
Во пролетта 1994 година, му беше дијагностициран рак на тестисите, поради што го пропушти Светското првенство во САД, каде што бугарската репрезентација постигна историски резултат.
Пенев ја започна својата играчка кариера во ЦСКА Софија, каде што стана една од најголемите икони на клубот. После тоа, тој замина во Шпанија, каде што играше за Валенсија и Атлетико Мадрид и одигра важна улога во тимовите што се бореа за врвот на Примера.
Одигра повеќе од 60 натпревари за бугарската репрезентација и беше дел од генерацијата што ги одбележа деведесеттите години.
По завршувањето на играчката кариера, тој остана во фудбалот како тренер и работеше во голем број бугарски клубови, а неговиот последен ангажман беше во Локомотив Пловдив.






