Филипче: Колку трагедии се потребни институциите да почнат да си ја вршат работата?

Институциите реагираат под притисок на јавноста, наместо навремено да ја исполнуваат својата должност да ги заштитат граѓаните, жените, жртвите на насилство, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за „Топ тема“ на Телма телевизија.
Говорејќи за нападот врз девојката во Охрид и првичното пуштање на осомничениот дома, Филипче оцени дека случајот покажува сериозно нефункционирање на системот на безбедност.
– Погледнете го министерот Панче Тошковски – со што сѐ се занимава, само со Сејф сити. И ништо друго. А жени скокаат со деца, гинат на лице место, жени се убиени во државата, го имаме и овој случај од вчера, во кој, замислете, обвинителството го пуштило момчето дома, рече Филипче.
Тој истакна дека притисокот на јавноста е причината за дополнителното постапување на институциите нагласувајќи дека целта на најавениот протест е да се спречат нови случаи на насилство.
– Денеска, како резултат на нашиот притисок и притисокот на јавноста видовме што се случи. Очигледно без тоа нема ништо да се случува. Го видовме и премиерот како се вклучи во темата. Тој најави дека ќе преземе сè што треба. Па зарем има подобар показател од тоа дека тој директно се меша во работата на судството и обвинителството? Тоа значи дека некој повторно го повикал на телефон за тие да си ја вршат работата. Ништо друго не функционира, вклучително и МВР, рече Филипче.
Според него, институциите мора да постапуваат без да се чека нова трагедија или притисок од граѓаните.
– Што треба да се случи за конечно институциите да работат како што треба? Што треба да биде доволно голем скандал, престап или трагедија? – праша Филипче.
За најавениот протест во Охрид, кажа дека „е за сите жртви на насилство, а целта е граѓаните заеднички да го искажат гневот поради непостапувањето на надлежните институции и да се спречат нови жртви“.
Филипче рече дека протестот не е организиран за политичко профитирање, туку за мобилизирање на граѓаните и вршење јавен притисок врз институциите конечно да ја преземат одговорноста и да почнат да си ја вршат работата






