Невладините бараат одговорност за случаите на насилство врз жени: До кога оваа држава ќе создава и ќе штити насилници?

До кога оваа држава ќе создава и ќе штити насилници? Уште колку жени треба да бидат убиени за да се демонтира овој систем поволен за насилници, а погубен за жените? Со овие прашања, Мрежата за заштита од дискриминација, Платформата за родова еднаквост и Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство ја почнуваат заедничката реакција по случаите на насислтво врз жени во земјава, од кои последен во низата е случајот од Охрид, каде што 31-годишен маж ја претепа својата партнерка.
„Уште еднаш јавноста со ужас ги гледа вестите, ги поставува истите прашања и бара одговори од институциите, а кај жените останува стравот дека утре тие можеби ќе бидат следните жртви“,
се наведува во соопштението на трите граѓански организации.
Последните обиди за фемицид во Охрид и во Битола, велат оттаму, доаѓаат една недела по фемицидот на 17-годишната Билјана од Богданци и во година во која се регистрирани седум фемициди, со кои Македонија се искачи на третото место во Европа според стапката на убиства на жени од своите партнери.
Одговорноста за ваквите случаи е системска, политичка и колективна – велат граѓанските организации, оценувајќи дека таа произлегува од длабоко вкоренета мизогинија, од нееднаквата распределба на моќта, во која женската слобода сè уште се третира како нешто за кое одлучуваат мажот, семејството, институцијата или партијата.
„Таа одговорност е особено голема кај оние што располагаат со јавни функции, институционален авторитет и медиумски простор. Кога премиерот Христијан Мицкоски го нарекува семејното насилство ‘мал престап’, тој од позиција на највисока извршна власт ја минимизира неговата сериозност. Одговорност имаат и верските авторитети, меѓу кои и епископот Јаков, кои го користат својот јавен простор за мобилизација против родовата еднаквост. Одговорност имаат и медиумите што им обезбедуваат простор и јавна легитимност на ‘Богоевци’ кои ја оправдуваат контролата врз жените, промовираат „машки надзор“ и поттикнуваат насилство“,
се наведува во заедничката реакција на граѓанските организации.
Додаваат дека одговорноста за извршеното насилство е секогаш кај сторителот, а одговорноста за неговото оправдување, нормализирање и неказнување ја лоцираат низ целото општество.
(ВИДЕО) Мицкоски за случајот во Охрид: Ќе направиме сè сторителот да биде изведен пред лицето на правдата
Во врска со последните случаи на насилство врз жени тие имаат и конкретни барања.
За случајот во Охрид побараа на осомничениот итно му биде одреден притвор, што Обвинителството во меѓувреме го побара од Судот. Бараат и да се испита улогата на сите лица за кои постојат наводи дека учествувале во насилството, му помагале на осомничениот, се обиделе да го прикријат настанот или вршеле притисок врз жртвата, сведоците, здравствените работници и институциите. Посебна проверка бараат на наводите за семејното влијание на осомничениот и соодветна одговорност за сите вмешани во настанот.
„Бараме итно пронаоѓање на осомничениот во Битола, јавно утврдување на околностите и пропустите што го овозможиле неговото бегство од полициската станица и дисциплинска, а доколку постојат законски основи и кривична одговорност за полициските службеници што биле задолжени за неговото обезбедување, како и за нивните претпоставени доколку се утврдат пропусти во раководењето и надзорот“,
се наведува во реакцијата.
Се предаде 24-годишниот битолчанец осомничен за семејно насилство, кој избега низ прозорец од полициска станица
Бараат и целосна проверка на институционалното постапување пред фемицидот во Богданци.
Трите граѓански организации бараат координирана и долгорочна заштита на жените изложени на насилство,
правна и психосоцијална поддршка, усвојување на неопходните законски измени согласно стандардите на Истанбулската конвенција, санкционирање на сите лица кои упатуваат јавни пораки со кои се оправдува насилство или дискриминација врз жените, како и професионално медиумско известување.






