“Пушти ме“ – романот кој му треба на секој тинејџер/ка
„Не сум глупава, разбирам дека ми е лута. Само не ми е јасно зошто.“
(…)
„Понекогаш е тешко да бидеш другарка со Аманда, велам. Таа понекогаш прави да се чувствувам толку добро. … А понекогаш лошо.“
(…)
„Знаеш колку можеш да бидеш проклето досадна? И само затоа што си малку помалку грда отколку кога беше мала, па повеќе не ти требам? Тоа ли е: Немој да мислиш дека можеш без мене, Ана. Никогаш нема да можеш. Премногу си патетична за тоа. Премногу проклето чудна и бубалица и малку детинеста. Нема момчиња што го сакаат тоа на долг рок
(…)
Врати се Ана!
Не се вртам.
„Ако не се вратиш, за тебе ќе биде полошо!“

“Ова е веројатно најдобрата книга која си ја објавила“ ѝ пратив порака на Биљана Црвенковска за “Пушти ме“ во авторство на Катрине Недрејурд (и одличен превод на Искра Бадева).
И, со секоја почит за различните толкувања и доживувања на тоа што ја прави една книга „најдобра„ веројатно е едно од ретките дела достапни на македонски јазик за млади над 13 години која така отворено ги портретира динамиката и односите на моќ во пријателствата на некои тинејџери. На кои ниту далеку поискусни возрасни не им се отпорни. Со сета моја скептичност кон современите лаички дијагностицирања и лоцирање психолошки состојби, и прашањето на нарцизмот.
Аманда и Ана се најдобри пријателки. Односно би требало да бидат. Но чувството на постојан немир и „удари во стомакот“ ја потсетуваат дека динамиката која ја идеализира е суштествено поинаква. Нејзиниот немир, јазикот на нејзината интуција кој постојано го потиснува ја потсетува дека пријателката која суптилно ја потсетува дека е убава, но не онака баш како неа и на различен начин од оној кок го сакаат машките веројатно не може да биде најдобра пријателка. Која се обидува постојано да биде единствениот фокус на нејзиниот живот, но перфидно ја казнува кога има и назнака дека се појавува било што во животот на Ана кој ја трга Аманда од позицијата на апсолутен фокус и оска на нејзино лично премерување.
Кога Ана, после серија настани, конечно сфаќа дека тој однос мора да го прекине личноста на Аманда се појавува во својата суштествена агресија и насилство. Што често е случај со нарцисите кога се надмоќени. И во својот очај на губењето на човекот кој е во нивна контрола, чии релации ги посредуваат и преку чие суптилно, но континуирано омаловажување ја обновуваат перспективата за сопствена грандозност, ја пројавуваат својата суровост. И својата немоќ без Другиот подметнат во нејзината сенка.
Оваа книга е важна затоа што е една од ретките достапни на македонски која ги лоцира суптилните диманики на подредување и надредување и повредите кои ги создаваат. На перфидните начини на прекројување на реалноста на другиот и неговата слика за самиот себеси. За повредите кои ги менуваат луѓето со ранливи и нежни сензибилитети на начин кој често останува отаде зборовите.
Формалното образование на тинејџерите нема да им зборува за суптилните динамики на осамување на Другиот и негово/нејзино злупотребување потоа. За Посредувањето на неговите/нејзините односи. За манипулациите кои ја претставуваат контролата како грижа, за постојаното критикување (кое се претвора во внатрешен неуморен критичен глас). Наставниците тие динамики меѓу учениците не ги препознаваат ни тогаш кога се случуваат пред нивниот нос, на првата клупа.
Оваа книга е многу важна за секој тинејџер
Лени Фрчкоска






