Време е за храброст
Не треба нова партија заради власт, туку нова идеја заради државата
Почитувани читатели, во мојата последна колумна објавена на порталот ,,Либертас” под наслов „ Македонија на крстопат-време е да ја вратиме државата”, најавив можност зa формирање нов политички субјект. Поводот за формирање нов политички субјект не е само моја желба туку и на многумина како мене кои што сакаат нашата држава да тргне во вистинска насока, да излеземе од безидејноста и беспаќето во која несомнено сме заробени со години. Идејата ми е да се разбудиме и дека токму од нас зависи заедничката иднината на нашите семејства и нашата држава. Со молчење и разочараност иднина не се гради!

Идејата за нов политички субјект не е да ѝ земеме на Македонија тоа што остана и да ја доурнисаме, туку да ѝ го вратиме тоа што ѝ припаѓа, да ѝ дадеме можност за идејни решенија и нов предизвик: дали сакаме достоинствен живот или потоната иднина. Македонија не е сиромашна затоа што нема потенцијал, туку затоа што предолго е заробена во безидејност, партиски калкулации, корупција и лични интереси.
Незадоволството од 35 годишното владеење на партиите ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е евидентно во сите полиња од нашиот живот: егзистенционален, културолошки, спортски и уметнички.
Ме охрабрува фактот што идејата за формирање нов политички субјект предизвика интерес во јавноста. Вообичаено стигнаа и првите реакции на поединци и електронските портали.
Несомнено е дека реакциите за нов политички субјект, што ги добивам преку социјалните мрежи покажуваат поддршка за оваа моја идеја, но има портали и поединци кои што се сомневаат во мојот лик и дела. Ги упатувам детално да ја анализираат мојата лична биографија.
Сакам да ја убедам јавноста и сите мои сограѓани, повторувам, без разлика на нивната верска и етничка припадност, дека сам нема да можам да сторам ништо доколку не бидам опкружен со тим од поединци кои имаат во себе знаење, искуство и карактер. Без силен тим во партијата нема да испорачаме ништо. Тимот ќе биде составен од силни поединци кои во себе имаат искуство и знаење, па дури и да биле членови на некои од водечките партии во земјава. Убеден сум дека во сите политички партии постојат личности кои можат многу да помогнат за креирање на нашата заедничка иднина.
Почитувани читатели, можеби мојот приод за формирање на политички субјект ви делува наивно или утопистички. Мојата желба е искрена и чиста, сакам да го разбудам обичниот сограѓанин и да го насочам на вистинскиот пат за да ја градиме нашата заедничка иднина. Не барам слепа поддршка од моите сограѓани, туку разумна доверба токму од оние кои знаат дека вака повеќе не оди. Политичкиот субјект нема да креира омраза, туку политика на знаење, работа, карактер и одговорност пред целите кон кои се стремиме.
Посебно упатувам повик до младата, работоспособна популација да се приклучи кон ваквата визија, бидејќи токму во младите е потенцијалот за стабилна иднина, токму во оние кои со лошите политики ги истуркавме од татковината. Со младите треба заеднички да го креираме нашиот дом, да ја поставиме економијата на цврсти нозе. Нашата иднина се креира со силна економија, но не со силна економија во слободните индустриски зони, во кои ние граѓаните на Република Македонија сме осудени да работиме за „туѓи бели дворови”, како што ја опеа социјалната голгота нашиот голем поет Кочо Рацин. Силна економија исто така не значи само странски инвестиции во без царинските зони и евтина работна сила, туку домашно производство, достоинствена плата и можност човекот да живее од својот труд
Културата, спортот и уметноста не се споредни теми, туку огледало на една држава и доказ дека народот има дух, идентитет и иднина.
Спортот исто така мора да го подигнеме на големо ниво, многу поголемо од врвните резултати, затоа што и спортот е огледало на општата култура. И не само ракометот, туку и фудбалот, кошарката, одбојката, за да бидеме достоинствен дел од европското и светско семејство и да прекинеме да навиваме само за туѓи репрезентации на сите европски и светски натпреварувања, оти немаме свои. Мојата желба е да бидеме дел од тие настани, а не само гледачи.
Културата и уметноста треба да ги подигнеме на пиедестал, каде ќе го промовираме нашето културно и уметничко наследство на ниво кое ќе биде разбрано од модерниот свет. Крајно време е да бидеме третирани како мултикултурна земја, со нашето заедничко цивилизациско богатство.
Само на овој начин ќе го подигнеме респектот во очите на светската заедница. На нас Македонците не ни треба питачење, доволно сме богати за да заработиме од сето тоа што ни го дала историјата и природата. Питачење и коленичење веќе не! Достоинствено чекорење напред со трудољубие и вистински морални вредности во име на заедничкиот национален интерес. Модерниот свет се движи напред токму преку заедничкиот интерес.
Јавноста мора да знае дека не сум човек кој робува на материјалното, стекнато надвор од Македонија. Борец сум за своето огниште.
Имам желба нашата Македонија да порасне во очите на нашите соседи и севкупната светска јавност. Ваквиот пат е многу тежок, но и остварлив само со тимска работа на искусни, професионални и карактерни личности.
Ако сакаме држава, мора да престанеме да бидеме публика. Време е граѓаните да станат учесници во креирање на сопствената судбина.






