(Видео) Кошта до Мицкоски: Уставните измени се единствениот начин за формално отворање на преговорите со ЕУ

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, испрати јасна порака дека усвојувањето на договорените уставни измени останува единствениот начин за формално започнување на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија.
Во своето обраќање, Кошта најпрво го поздрави напредокот во спроведувањето на реформската агенда, особено во делот на владеењето на правото и реформата на јавната администрација, како и целосното усогласување на државата со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија.
Особено би сакал да го истакнам неодамнешниот опиплив напредок во спроведувањето на реформската агенда, кон усвојувањето на патоказите за владеење на правото и реформата на јавната администрација, што е значајно за пристапниот пат на Северна Македонија, но и за искористување на Планот за раст и пристапувањето“, порача Кошта.
Тој нагласи дека Европската Унија останува најважен партнер на Македонија и на Западен Балкан, но посочи дека следниот чекор кон членството зависи од исполнувањето на веќе преземените обврски.
„Но, усвојувањето на договорените уставни измени останува единствениот начин за формално започнување на пристапните преговори. Тоа е единствениот начин за отклучување на целосните придобивки од членството во Европската Унија за граѓаните на Северна Македонија“, истакна Кошта.
Според него, Европската Унија обезбедила мир, стабилност и економски развој за своите земји-членки, а проширувањето нуди исти можности и за земјите кандидати.
„Европската Унија е најсигурниот партнер на Западен Балкан и на Северна Македонија. Таа останува најголемиот инвеститор и најважен трговски партнер. Остануваме посветени да ве поддржуваме и понатаму, и политички и финансиски“, рече претседателот на Европскиот совет.
На крајот, Кошта порача дека одлуката за европската иднина е во рацете на македонските институции и политички чинители.
„Моќта да ја обликувате вашата иднина е во ваши раце. Единствениот начин да се постигне напредок кон европската интеграција е преку конструктивен дијалог со соседите, преку преземање прагматични чекори за градење доверба и спроведување на неопходните реформи“, наведува Кошта во своето обраќање.
обраќање.






