Трамп најави единствен правилник за вештачка интелигенција во САД

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска најави воведување на единствен правилник во САД за компании кои развиваат вештачка интелигенција (ВИ).

На својата социјална мрежа „Трут соушал“ тој наведе дека оваа мерка е неопходна за САД да ја задржи глобалната предност во областа на ВИ.

Трамп истакна дека вклучувањето на сите 50 американски сојузни држави во процесот на одобрување на регулативата би можело во почетокот да го успори развојот на вештачката интелигенција.

Претседателот најави дека оваа недела ќе издаде извршна уредба за единствен правилник за ВИ, со цел компаниите да можат да работат без потреба од повеќекратни одобренија, што, според него, би било непрактично и би ја загрозило конкурентноста на САД.

Според информациите на „Аксиос“, многу американски законодавци не се наклонети на оваа идеја на Трамп. Меѓу противниците се и конзервативни пратеници, кои тврдат дека тоа би го загрозило правото на сојузните држави и демократската контрола врз технологијата.

Back to top button
Close