Седум земји од ЕУ бараат да не се отстапува од планот за замрзнатиот руски имот

Седум земји од Европската Унија денеска упатија соопштение до високите функционери на ЕУ во кое образложуваат зошто, според нив, Унијата треба да продолжи со планот за искористување на замрзнатиот руски имот за заем за Украина.

 

Во писмото упатено до претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, Полска, Шведска, Литванија, Естонија, Финска, Ирска и Летонија наведуваат зошто сметаат дека ЕУ треба да остане на својот став, пренесе фламанската телевизија ВРТ.

 

– Тоа е финансиски најизводливо и политички најреално решение – се наведува во писмото упатено до високите функционери на ЕУ, во пресрет на претстојните самити.

 

Како што се наведува, притисокот на балтичките и источноевропските држави врз Белгија расте, за таа земја да се согласи на користење на замрзнатата руска имотна, додека Белгија се противи на планот бидејќи стравува дека нема доволно гаранции од другите земји членки на ЕУ дека какви било финансиски последици ќе бидат праведно распределени.

 

– Силно го поддржуваме предлогот на Комисијата. Немаме време за губење. Со донесување одлука за заем за репарации на Европскиот совет во декември (18 декември), имаме можност да ја ставиме Украина во посилна позиција да се брани и да преговара за праведен и траен мир – се наведува во заедничкото соопштение на седумте земји на ЕУ.

 

Се додава дека писмото не се однесува директно на белгискиот премиер Барт Де Вевер, кој и натаму одлучно се противи на планот.

 

Де Вевер смета дека Белгија се соочува со големи правни и финансиски ризици бидејќи замрзнатиот руски имот го држи трговецот со хартии од вредност „Еуроклир“ (Euroclear) во Брисел, а Белгија смета дека ризиците во актуелните планови не се делат доволно со другите земји членки.

 

Извршната директорка на „Еуроклир“ Валери Урбаин во петокот ја предупреди Европската Унија дека користењето на замрзнатиот руски државен имот за финансирање голем заем за Украина би можело да го дестабилизира меѓународниот финансиски систем и да ја изложи Белгија на сериозни правни и економски ризици.

 

Таа тогаш појасни дека планот на Европската комисија да имобилизира дел од околу 180 милијарди евра руски средства што се наоѓаат во „Еуроклир“ е „нереален“ и дека би можел да се смета за „конфискација“, како и дека Русија сè уште има законско право да ги побарува тие средства, без разлика дали се отстранети од билансот на компанијата.

 

Урбаин предупреди дека спроведувањето на планот би можело да доведе до инсолвентност на „Еуроклир“, но и до можни руски контрамерки, вклучувајќи запленување на белгиски имот во Русија и најави дека „Еуроклир“ судски ќе оспори секоја одлука со која би бил принуден да ги исплати замрзнатите средства.

Back to top button
Close