(Видео) Јагленокоп во Македонија депонија – во Германија езеро и заштитено подрачје

Жителите на битолското село Новаци се жалат дека со децении живеат со чадови и пепел, што доаѓаат од производството на струја на јаглен во РЕК „Битола“. Раководството признава дека црни чадови излегуваат во одредени периоди. Во близина на селото, во поранешен јагленокоп, е планирана изградба на регионална депонија. Правиме споредба со Западна Европа, или поточно Германија, што таму се прави со старите јагленокопи и затворените термоелектрани на јаглен.

Летово повеќепати бевме во битолско и можевме да разговараме со бројни жители на Новаци за животот покрај термоелектраната, којашто од државните капацитети најмногу ја снабдува Македонија со струја, пишува Нота.

Новаци камион РЕК Битола

„Тешко е во летниов период. Ташко е, прашини – не се е издржува, па и ѓибрето плус тука, чадови кога вака ќе има ветришта. Не се издржува. Од прашини не можеш ништо да извадиш. И алишта плус тоа не можеш да извадиш летно време – ни да ги излуфтираш, ниту за да се сушат кога ќе испереш. Ништо“, објаснува Лила Петровска, жителка на Новаци, која како мала живеела во селото Суводол, на чие место сега се наоѓа истоимениот рудник на јаглен и РЕК „Битола“. Петровска стравува од плановите на државата во ископот на испразнет рудник кај Мегленци да се направи регионална депонија, а стравува и од претстојнава зима.

Лила Петровска Новаци

„Тогаш е уште потешко. Магли, прашини, чадови – малку од РЕК, малку и што блиску ни е ѓубрето. Па, сега ако ни донесат од други општини, како што велат – уште поголемо загадување“, стравува Петровска.

Од 18 општини во југозападниот дел на Македонија, меѓу другите и од Прилеп, Охрид, Струга, Кичево и Дебар треба да се носи отпадот во регионалната депонија. Таа треба да се наоѓа на локација на која РЕК „Битола“ порано вадел лигнит, често наречен и кафеав јаглен. Таа треба да биде на околу 5,3 километри од селото Новаци и на околу 2,4 километри од селото Мегленци. Локацијата е избрана, затоа што како подлога има глина, а врз неа ќе се ставела непропустлива фолија и ќе се направел систем за собирање на отпадните и атмосферски води, како и на гасовите.

Едниот син на Петревска работел на испитување на јагленот, но поради прашината се префрлил во друга фирма. На жителите им пречел и големиот број камиони, што минувале секојдневно низ селото.

„Има многу големо движење од сабајле рано. Кога ќе почнат, до вечерта има многу. Да не речам можеби стотина камиони сигурно ќе поминат. Башка овие за ѓубре. Овие за јаглен многу носат во РЕК“, вели Петровска.

„Тука се низ село. Редовно низ селото се. Нонстоп да речам. И дури имаше и жртва. Со трактор си одеше човекот. Камионот го фати. Носеше нешто… Брана, нешто такво. Два-три дена и човекот почина. Ајде, што можеш да правиш сега“, вели жителот на селото Новаци, Лазо Марковски.

„РЕК-ов сѐ загадува. Па, плус сега и ѓубрето ако го носат, ова ќе биде катастрофа. Вака кога ќе има ветрови најмногу – ветрот секаде ги носи прашините“, вели жителката на битолско Новаци, Лена Таневска.

Лена Таневска Новаци

„Тука горе има одлагач. И сега, како одлага од онаа пепелта така и ветерот ја носи прашината. Тоа не е нешто заштитено да речеш. Како врти лентата така и ветерот ја носи“, додава Марковски, кој укажува дека на жителите им пречи и секојдневниот силен звук од преносто на струјата преку далеководите. „Оваа линијата што минува многу зуи. Ама ајде, што можеме да правиме? Не знам јас. А, инаку зуи. Под неа тутун си береме. Голем напон е овој. 400 киловолтен напон е. Требаше да мислат кога го ставаа, оти куќите беа тогаш направени. Тие – еве го далеководов. Можеби можеше понатаму да се инсталира, ама не мислеа тие, како да речам, инженерите“, забележува Лазо Марковски.

Лазо Марковски Новаци

Основната дејност на РЕК „Битола“ е производство на електрична енергија и јаглен. Овој комбинат го сочинуваат две производствени единици – ПЕ „Рудници“ („Суводол” и „Брод Гнеотино“) и ПЕ „Термоелектрана“. Во 1980 година е започнато со ископ на јаловина, а првата електрична енергија во комбинатот е произведена во 1982 година.

Како што се покажа и оваа година, РЕК „Битола“ има проблем со прашината што се создава при производството на струја. Наместо надворешна фирма, летово вработените го чистеле комбинатот од натрупаната прашина, бидејќи во државата во тој момент немало комисија за жалби по јавни набавки.

Прашина во РЕК Битола

„Постојат два вида на јагленова прашина. Еден е тој што излегува од процесот на согорување на јагленот и се депонира соодветно на соодветно одлагалиште на пепел. А, оној другиот, онаа другата јагленова прашина е прашината којашто излегува од нередовното и нецелосното извршување на ремонтните активности. Значи, се доаѓа до пропуштање на каналите за јагленова прашина и ни се трупа по постројките на комбинатот. Дополнително на тоа би сакал да кажам дека во моментот кога се случи чистењето од вработените немавме активен договор за технолошко чистење“, вели директорот на РЕК „Битола“, Тони Петрушевски.

Прашина во РЕК Битола

„Бев и јас дел од тие што чистеа. Знаете како, доколку на некој не дај боже му се запали куќата прво што треба да направи? Ќе влезе и ќе ја гаси самиот. Тоа и ние го правевме вработените. Тука не му замерувам на работниот менаџерски тим. Заради несоодветно и ненавремено технолошко чистење на котлите се создаде енормно голема прашина – јагленова прашина, којашто е лесно запаллива. Вториот блок се запали токму од таа причина“, сведочи вработениот Тони Апостоловски и додава: „Самите котли, односно обвивката на котлите – и таа е пред распад, пред распаѓање. Знаете, обвивката на котлите е со лим. Со текот на времето се нагризува лимот и почнуваат од котелот да излегуваат јагленови прашини. Тие се распрскуваат насекаде низ котелот и доаѓа до самозапалување. Сега, откако се исклучија блоковите, бевме соочени со огромни количини на неисчистена јагленова прашина. Точно е, и не му замерувам на раководниот тим што рече: ‘Ставете постари алишта, влезете, работете, чистете и така натаму’. Тоа и јас го правев“, објаснува Апостоловски, кој има 39-годишно работни искуство во РЕК „Битола“.

Пепел РЕК Битола Пелагонија

Минатово лето не само внатре во комбинатот, туку проблем со прашината имаше и низ Пелагонија, кога се разнесе пепелта од производството на струја на фосилни горива.

„Тука најпрво би сакал да се извинам до граѓаните на околните населени места за таа состојба, којашто беше делумно наследена и продолжи во нашето време, бидејќи голем дел од таа јагленова прашина излезе во воздухот. Во моментот кога се случи тоа немавме активни договори, односно беа исцрпени договорите“, објаснува директорот на РЕК „Битола“.

„Пепелта преку систем на траки се носи на посебна зона, којашто се вика отпепелување, којашто е предвидено да има касети, односно џебови и во тие џебови, во тие касети се одлага пепелта, па се затрупува со јаловински маси, за да не доаѓа до растурање на пепелта секаде низ Пелагонија“, објаснува вработениот во РЕК „Битола“.

20 до 30 проценти од искористениот јаглен се претвора во пепел. Таа прашина од пепел сега се прска со течност за да не се разлетува.

„Има систем за прскање и третирање, влажнење на таа отпадна пепел, којшто нели не беше ставен 10 години во функција и ние го ставивме во функција“, вели директорот на Петрушевски.

Навлажнета пепел во РЕК Битола

Низ целиот свет често се поставува прашањето – што да се прави со старите површински копови на јаглен? Германија е една од ретките земји каде што операторот на рудникот мора однапред да обезбеди средства, како и идеја и план за тоа што да се прави со површинскиот коп по завршувањето на експлоатацијата на јагленот. Често на површините се прават вештачки езера.

„Површинските копови во Германија, особено во источна Германија, многу често се трансформираат во рекреативни зони. Езерата се создаваат со нивно полнење со вода. Површините околу нив мора да се рекултивираат, на пример, да се засадат дрвја. Понекогаш се градат и нови населби околу езерата. Значи, мора да постои вистински концепт за рекултивација, за потоа да се создаде здрава животна средина, со вода, ветер, див свет, а можеби дури и основање село или нова населба. Германија има многу искуство во оваа област и вложува значителни средства. Значи, на крајот, рудниците со отворен коп многу често стануваат заштитени предели и рекреативни подрачја“, објаснува портпаролот на германското Сојузно министерство за животна средина, заштита на климата, зачувување на природата и нуклеарна безбедност, Штефан Габриел Хауфе.

Штефан Габриел Хауфе германско Министерство за животна средина

Во Македонија планот е во таков рудник да се направи регионална депонија. Жителите годинава се организираа на протести во Битола и во Новаци против таквата намера. Македонка Соклевска од селото Новаци е носител на иницијативата за референдум против регионалната депонија во оваа општина.

„Иницијативата започна веднаш по одлуката на Советот во општина Битола, кога донесоа одлука за отворање на регионално претпријатие, некаде околу март 2025 беше, за отворање на регионално претпријатие, односно формирање на регионално претпријатие за депонирање  на отпад од 18 општини во општина Новаци, односно тука во наша близина на селото во рудникот на РЕК. И, незадоволството кај граѓаните почна да расте“, објаснува Соклевска и додава:

Македонка Соклевска Новаци депонија РЕК Битола

„99 проценти од жителите се загрижени. Многу често РЕК знае да испушта отровни материи. Исто така во текот на денот кај нас во Новаци по главната улица не можеме ние да одиме по тротоарите. Секојдневно поминуваат по 500 камиони, коишто носат јаглен. Од дел од тие камиони, кои се непокриени, паѓа јаглен, односно ќумур паѓа од нив. Значи, ние не сме безбедни и загадена ни е животната средина. Кога има ветер целата прашина оди во селото. Значи, местото на живеење ни е презагадено и затоа сме загрижени. Не ни треба уште еден дополнителен загадувач. Затоа што депонирањето отпад од 18 општини би значело премногу за нас“.

Повеќе жители во селото Новаци, но и потоа на социјалните мрежи, сведочеа за темен чад од оџаците на комбинатот. Тоа го покажува и оваа фотографија од видео постирано под еден од текстовите од ова истражување.

РЕК Битола црн чад од оџак
© Гоце Андреевски

Раководството во РЕК „Битола“ потврдува дека „црниот чад е видлив само при пуштачки операции на блокот – потпалата е прво на мазут, и при краткотраен пад на напонот на филтерот. Таквата состојба е од кога е изграден РЕК“.

Македонка Соклевска објаснува дека кога соселаните продаваат некои земјоделски производи не кажуваат дека се од Новаци, туку од под Пелистер, бидејќи купувачите избегнувале производи од селото до РЕК „Битола“.

„Многупати кога ќе речат: ‘Гори фабриката на мазут’, чадот што излегува од оџакот не е како сега што го гледате. Чадот е црн. Некогаш е и кафеав. И, сето тоа оди овде и паѓа на куќите. И, тоа има последици и за воздухот што го дишеме и за производите што ги садиме тука, што ги јадеме, што ги користиме, и за почвата и за водата – за сѐ“, објаснува Соклевска и додава: „Бараме ние жителите на општина Новаци да се смени локацијата, бидејќи не може локација на депонија од 18 општини да биде во населено место од два километри. Тука има плодна почва. Цела Пелагонија е тука. Значи, ќе се загадат и водите и воздухот и животната средина“, вели Соклевска.

Доколку не се изгради обиколница до планираната депонија, окулу 60 камиони со отпад ќе минуваат по единствениот пат што води и до РЕК „Битола“. Се проценува дека за изградбата на регионалната депонија во стариот јагленокоп, како и за опремата, ќе бидат потребни 22 милиони евра.

Во државата постојат и планови за користење на топлата вода од производството на струјата во РЕК „Битола“. Весна Неделковска е проектен менаџер во „Гаус Институтот“ – фондација формирана во 2006 година за нови технологии, иновации и трансфер на знаења. Поддржани од Германското министерство за животна средина и берлинската фондација „100% обновливо“, а инспирирани од проект за греење во полскиот град Хајновка, македонски и експерти од Шведска и Германија годинава работеа на анализа за напуштање на намерата топлината од РЕК „Битола“ да се користи за загревање на овој град. Односно, напуштање на намерата да се продолжи со користењето на фосилните горива.

Вода РЕК Битола

Имаме термоцентрала на јаглен, на фосилно гориво, кое е огромен загадувач на градот и околината. А, исто така тука е актуелен и проблемот со зелената транзиција. Односно, знаеме дека Европа ја зацрта својата зелена агенда до 2050 година да стане климатски неутрална и да ги намали емисиите на стакленички гасови до 50 проценти. За да го зацрта тој план треба да се работи на намалување на добивањето на енергија од фосилни горива. Тоа го потпиша и Македонија. Имено на крајот на 2023 година, кога се одржа меѓународната конференција на климатски промени на Обединетите нации во Дубаи, тогаш Македонија го има потпишано инвестицискиот фонд со кој се обврзува дека до 2030 година ќе ги намали мисиите на стакленички гасови за 80 проценти, а тоа значи дека треба да го запре производството на енергија од фосилни горива. Односно, затворање на термоелектраните РЕК ‘Битола’ и ‘Осломеј’. Тоа е голем услов што Македонија треба да го исполни“, објаснува Весна Неделковска, проектен менаџер во „Гаус Институтот“.

Климатската конференција во Дубаи, одржана пред две години, се смета за историска, бидејќи скоро сите земји за првпат се согласија за постепено напуштање на фосилните горива во енергетските системи.

Весна Неделковска Гаус Институт РЕК Битола

„Затоа ние оваа идеја ја преземавме од германската фондација за да ја пренамениме во нашиот град, односно системот за топловодно греење на Битола наместо да биде од РЕК ‘Битола’, кој работи на фосилно гориво, да биде целосно од обновливи извори. Досега овој систем што се гради во градот – топлификационата мрежа, планирано е да работи со отпадната топлина од РЕК ‘Битола’. Значи, сѐ уште со енергијата од фосилни горива. А, нашиот проект замислува, идејата на нашиот проект е топлината за греење на градот да се добива од топлински пумпи. Тоа се големи индустриски пумпи, кои што ќе добиваат енергија целосно од обновливи извори“, додава Неделковска.

Неколку месеци по интервјуто беше објавена анализата во која се заклучува дека:

„Најоптималното технолошко решение е изградба на централизиран енергетски систем на локацијата на РЕК ‘Битола’. Овој систем би се состоел од топлинска пумпа на свежа вода како основен извор на топлина, поддржана од помал капацитет на геотермална топлинска пумпа и термална акумулација за покривање на врвните оптоварувања во најстудените денови. Целиот систем би се напојувал со електрична енергија од голема, наменска фотоволтаична централа изградена на истата локација. Ова го менува наративот од ‘напуштање на РЕК’ во ‘трансформација на РЕК’ во современ центар за обновлива енергија. Проектот за целосна декарбонизација на системот за централно греење во Битола е технички изводлив. Цената на топлината од обновливи извори е повеќе од двојно повисока од онаа на отпадната топлина од РЕК, што го прави проектот финансиски неодржлив без надворешна поддршка“.

РЕК Битола

Германското Сојузно министерство за животна средина, заштита на климата, зачувување на природата и нуклеарна безбедност има финансиски поддржано 10 проекти во Македонија и 21 проект во Србија. Прашавме колку пари инвестирала Германија во овие земји за транзиција кон зелена енергија.

„Во Србија моментално имаме проекти за кои е потребно финансирање од околу 800.000 €. Во Македонија тоа се околу 600.000 €. Тоа, значи, не се големи проекти. Европската климатска иницијатива (EUKI) се базира на поддршка на здруженија, непрофитни, односно организации кои не работат за профит, да се поддржуваат институциите, да се поддржува науката и пред сè да се работи на поврзување. Еден проект што го поддржуваме, не може да се одвива само во една земја, туку мора да се реализира во повеќе земји. Така, на пример, финансираме поврзување на претприемачи и претприемачки, кои во рударски региони сакаат да развиваат нови претпријатија, нови деловни полиња, бизниси што се пријателски настроени кон климата, еколошки бизниси и нови технологии за иднината. И, нивното поврзување, на пример, се финансира преку Европската иницијатива за климатска заштита. Во Србија, во Северна Македонија, во Бугарија и заедно уште во други земји“, вели Штефан Габриел Хауфе, портпарол на германското Сојузно министерство за животна средина, заштита на климата, зачувување на природата и нуклеарна безбедност.

Во Берлин гледаат голем напредок во тоа што Македонија презела обврска постепено да се откаже од користењето јаглен.

„Значи, напуштањето на јагленот, глобалното постепено укинување на јагленот, е цврста обврска според Парискиот договор. Нема фиксен датум за тоа, но меѓународната заедница, земјите што го поддржуваат Парискиот климатски договор – а тоа се речиси сите земји во светот – се согласни дека јагленот мора да се напушти. Но, ние исто така велиме дека земјите имаат потреба од различни брзини, различно темпо. Северна Македонија е дел од Powering Past Coal Alliance, меѓународната организација за постепено укинување на јагленот. Тоа е меѓународен сојуз каде што земјите доброволно ги здружија силите, велејќи дека сакаат постепено укинување на јагленот до 2030 година. Шпанија и Велика Британија се членки, а Германија е исто така членка. Северна Македонија е исто така членка и кога некоја земја ќе се приклучи на оваа организација, таа се обврзува постепено да го укине јагленот до почетокот на 2030 година. Значи, околу 2030 година. И Северна Македонија ја презеде оваа обврска при приклучувањето. Тоа е голем напредок“, нагласува Хауфе.

Јаглен рака РЕК Битола Суводол

Германија сака најдоцна до 2038 да го напушти јагленот за производство на струја и топлина. Во Министерството велат дека струјата произведена од јаглен сега има историски најмало учество во вкупната произведена електрична енергија во Германија. Објектите на површините ќе се демонтираат и срушат, со можност за изградба на соларни или ветерни паркови.

„Јагленот игра сè помала улога во снабдувањето со енергија во Германија. Ако го погледнеме само производството на електрична енергија, денес гледаме дека речиси 60% од струјата доаѓа од обновливи извори. Сонцето и ветерот се големите нови енергетски носители. Мора да ги замениме капацитетите за производство на струја, што отпаднаа со напуштањето на јагленот, со сонце, ветер, но и со гасни електрани. И гасните електрани привремено ќе играат улога. Кај електраните на гас е значајно во иднина да не работат само на гас, значи не само на фосилен гас, туку и на водород, за да се со ниски емисии, да се чисти и со тоа погодни за климата“, објаснува портпаролот во германското министерство.

Автори: Александар Методијев и Сузана Мицева

Соработник: Сања Петров

Овој текст, прекуграничното истражување и изработката на истражувачко-документарниот филм „Јаглен на раскрсница“ беа направени со поддршка на Journalismfund Europe.

 

 

Back to top button
Close