Мигранти што јадат луѓе!

Мерсел Биљали

Флора и фауна живеат на заедничка територија. Тие не поставуваат граници, за разлика од луѓето кои поставуваат пречки дури и за Бога – вели Вилијам Кофин, поранешен активист за мир.

Кој и да праша зошто Катар не прифаќа странци, одговорот е дека самите Катарци се странци во сопствената земја, бидејќи само 300.000 Катарци живеат во земја со речиси два милиони жители!

Албанија интензивно ги проширува дел од своите капацитети за прием на мигранти, активност што започна пред две години во договор со Италија, со цел прифаќање дел од мигранти од Азија и Африка кои биле сместени во Италија. Црна Гора, Србија, Косово и неколку други околни држави се подготвуваат за истото, а кај нас, како што вообичаено бива – за многу што да се создаде безумна колективна хистерија. Најголемиот затвор е кога ги терате луѓето да живеат во страв од најлошото. И не е случајно што сме тука каде што сме! Но, за среќа глупоста не е јавно добро насекаде.

Инаку, бројот на моментални мигранти во Велика Британија порасна на рекордни 504.000 луѓе, објави Ројтерс, повикувајќи се на податоци на Британската канцеларија за статистика. Главниот премин на нелегални странци е низ каналот Ла Манш, најчесто со прости гумени чамци, па и давењето луѓе е веќе вообичаено таму. Најмногу деца. Британските власти пред некој пресретнаа криминалци со обичен гумени чамец со рекорден број мигранти – дури 125 лица. Оваa година што сега минува, повеќе од 40.000 луѓе го преминаа ризичниот канал Ла Манш.

Екстремните десничари ги тријат рацете. Фрлат отровни стрели што ја погодуваат вистината во срцето! Џулија Ебнер, експерт за радикализација од Институтот за стратешки дијалог при Универзитетот во Оксфорд, изјави за Би-Би-Си дека сега се чини идеите на крајната десница станале мејнстрим во Велика Британија. Томи Робинсон, една ептен маргинална фигура пред десетина години, сега стана моќна фигура чија анти-мигрантска публика го надмина секоја бројка на крајната десница. Со пораката „да ги заштитиме работните места од имиграцијата“ – тој покажа дека може да мобилизира над 150.000 фрустрирани луѓе и да привлече влијателни личности како што е Илон Маск кој повика на распуштање на британскиот парламент и отстранување на сегашната лабуристичка влада. „Луѓето гледаат дека нееднаквоста се зголемила, а квалитетот на јавните услуги се намалил и се движи полошо“, вели Стијн ван Кесел, – професор по компаративна политика на Универзитетот „Квин Мери“ во Лондон. Екстремната десница е во постојан раст во Австрија, Италија, Франција, Германија, Португалија, Белгија, Шведска, Финска итн. Луѓето често се плашат да бидат нормални.

 

Терор над мигрантите

Насилството над мигранти од страна на десничарски групи, на повеќе европски држави стана веќе секојдневие. Во градови како што е Торе-Пачеко во Шпанија, екстремни антимигрантски групи организираа „лов на мигранти“, што доведе до големи немири, напади, повреди, вандализам и апсења. Слични насилни протести се одржаа во англискиот град Епинг пред хотел што го користат барателите на азил. Доказ дека насилството е во тесна семејна врска со фобијата и стравот. Во овие околности, повеќе не станува збор за избор помеѓу насилство и ненасилство, туку за избор помеѓу здрав разум и лудило.

Ова ги принуди земјите од ЕУ да размислат за затворени центри за мигранти, и за посебно процесуирање на барањата за азил, кое недавно е договорено во Брисел. Овие центри треба да утврдат кои мигранти имаат основа да останат, а кои ќе бидат вратени. Таквата проценка треба да се направи без примена на индиректни форми на насилство, дискриминација и заплашување кон нив. Познато е дека постојат многу форми на државно и полициско насилство. Организациите за човекови права во Хрватска и Босна и Херцеговина со години повикуваат на прекин на насилството и тепањето на мигрантите на границите од страна на полицијата, опишувајќи го тоа како „терор на границите“. Пријавени се случаи на киднапирање на мигранти од страна на вооружени банди, особено на границата со Хрватска, кои бараа откуп од семејствата на жртвите, што укажува на организиран криминал кој ја искористува ранливоста и несреќата на мигрантите.

Сите процедури треба да се одвива согласно законската регулатива согласно правилата на организацијата ФРОНТЕКС, со седиште во Варшава, која ја координира гранична контрола во Шенген-зоната во соработка со националните гранични и крајбрежни органи. Расмус Стоклунд, министер за имиграција и интеграција на Данска, рече дека е воодушевен од усвојувањето на регулативата, бидејќи три од четири нелегални мигранти на кои им е издадена одлука за враќање остануваат во ЕУ наместо да се враќаат дома.

 

Преговори со Велика Бритаија!

Неколку држави од западен Балкан се во преговори со Велика Британија за враќање на дел од азилантите. За возврат Лондон би помогнал со финансии или инвестиции во земјата примател, а ќе понуди и безбедносни гаранции за таа земја во амбиент на закани од Русија, кога веќе не функционираат меѓународните системи за мир и безбедност, се тврди во текстот објавен во британски весници.

Познавачите велат дека балканските држави се во позиција да ја избират помалата несреќа. Според информациите, нашата држава формално ги започнала разговорите за ова прашање со Велика Британија пред една година и не е единствена која води вакви преговори. Мигрантите би биле депортирани во неколку балкански земји и би им се понудила можност да побараат азил, но нема да бидат притворени ниту ќе се соочуваат со ограничувања во движењето, па затоа би имале можност да ја напуштат земјата доколку сакаат. Ќе бидат охрабрени да бараат азил и да работат во сектори каде што има огромен недостиг на работници, како што се градежниот сектор, услужните дејности, земјоделството итн.

 

Хистерија против мигранти е примитивизам!

Инаку, ова прашања и претходно беше отворено како дилема, а македонски власти негираа дека договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство предвидува прием на мигранти. „Бидете спокојни таква работа кај нас ќе нема“, ја уверуваше премиерот Христијан Мицкоски македонската јавност кон крајот на мај. А сега пак – „Додека сум јас премиер, нема да никне ниту еден шатор со илегални мигранти и нема да примаме ниту еден мигрант“. Ќе те кренат на небото со лаги, а потоа ќе бидеш срушен на земја кога ќе ја видиш вистината.

Косово јавно се фали дека преговара со Обединетото Кралство за отворање база за бегалци на негова територија, а претходно владата во Приштина веќе се согласи да прима нелегални мигранти од Соединетите Американски Држави.

Тоа со мигранатите, рака на срце, ако ги исклучиме овдешните чудни предрасуди, и не е толку лоша идеја за држава која секој ден се празни. Општата бројка на населението во дравата е на слободен пад. Треба и ние, како и целиот нормален свет да почнеме да прифатиме странци, оти недостасува работна рака. Целиот свет така фунционира. Ние можеме насекаде по светот, ама тука никого не сакаме! Планетата е за сите луѓе. Експерти велат дека Запад немаше да има развој без работници од југот. А за нас што во главата имаме путер наместо памет, тоа е нешто најлошо! Тука, население е трајно принудено да избира помеѓу скапо облечена лага и целосно гола вистина. А Филипче како левичар би протестирал против мигрантите!

 

 

Back to top button
Close