АПСЕЊЕ НА ФИНАНСИСКА ПОЛИЦИЈА: Наместо на сметка на прилепската болница, благајник си ставил во џеб 250.000 евра
Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Прилеп поднесе кривична пријава против Д.К. во својство на службено лице при ЈЗУ Општа болница со проширена надлежност „Борка Талески“ Прилеп. Ова е поради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело ”ПРОНЕВЕРА ВО СЛУЖБАТА” од член 354 ст.3 в.в. со член 45 од КЗ на РСМ.

-Пријавениот во својство на службено лице, вработен на работно место самостоен референт – главен благајник, беше во Одделение за материјално финансиско работење. Во Сектор за материјално – финансиски работи и сметководство при ЈЗУ Општа болница со проширена надлежност „Борка Талески“ Прилеп работеше од 01.01.2020 до 31.12.2021 година. Тој со цел да прибави за себе противправна имотна корист, во повеќе наврати дел од наплатените и примени парични средства од шалтерите на болницата, наплатени од пациентите по основ на партиципација и приватни здравствени услуги, не ги уплатил на банкарската сметка на болницата. Истите противправно ги присвоил за себе. Односно за 2020-та година присвоил парични средства во износ од 6.568.726 денари. Исто така, за 2021-ва година присвоил парични средства во износ од 8.494.558 денари, со што го оштетил Буџетот на ЈЗУ Општа болница со проширена надлежност „Борка Талески“ во вкупен износ од 15.063.284 денари, информираат од Финансиската полиција.
По насоки на Основно јавно обвинителство Прилеп во текот на утринските часови, од страна на службени лица на Управата за финансиска полиција, пријавеното лице е лишено од слобода и истото е изведено пред судија на претходна постапка при Основен суд Прилеп






