Заради мигрантите се бара ревизија на ЕКЧП
Додека СДСМ ја обвинува власта за наводен план државата да ја претвори во мигрантски камп, а премиерот и претставници на ВМРО-ДПМНЕ секојдневно категорично ги дементираат таквите шпекулации, 27 земји членки на на Советот на Европа (СЕ) повикаа на ревизија на Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП), во обид да се олесни депортацијата на нелегалните мигранти.

Средбата следи под притисок од девет членки на Советот на Европа, предводени од Италија и Данска, кои во мај годинава со писмо повикаа на реформи. Таа бројка во меѓувреме е зголемена. Сега 27 земји-членки на Советот на Европа бараат ревизија на Европската конвенција за човекови права. На маргините за завчерашната неформална министерска конференција во Стразбур тие потпишаа заедничка декларација со која се бара нова рамка, со став дека постојната не ги одразува современите миграциски предизвици.
Потписниците бараат право на депортација на странци осудени за сериозни кривични дела како што се силување или трговија со дрога, дури и ако нивните семејства живеат во земјата домаќин. Тие велат дека ова право понекогаш е ограничено од гаранцијата на Конвенцијата за „почитување на приватниот и семејниот живот“ (член 8). Земјите, исто така, сакаат поголема јасност во врска со забраната за нечовечко или понижувачко постапување или казнување (член 3), за кое велат дека треба да биде ограничено на „најсериозните случаи“ и да не ги спречува пропорционалните одлуки за протерување на осудени странци.
Подготовка на политичка декларација
Советот на Европа подготви предлог разгледан на неформална министерска конференција во Стразбур, одржана на 10.12. на иницијатива на генералниот секретар Ален Берсе. Како што објави СЕ, на средбата министрите ја потврдиле својата длабока и трајна посветеност и на ЕКЧП и на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), истовремено признавајќи ги предизвиците што ги претставува нерегуларната миграција и состојбата со странците осудени за сериозни кривични дела.
Според Берсе, Европската конвенција за човекови права е последната заштита на индивидуалните права и слободи низ целиот континент и столб на демократската безбедност. Но, инструментализацијата на миграцијата, шверцот со мигранти, трговијата со луѓе и другите криминални активности што ја загрозуваат стабилноста и безбедноста, се реални и легитимни предизвици.
„Она што ни треба е дијалог, соработка и заеднички решенија”, изјави генералниот секретар на Советот на Европа.
Нацрт-политичка декларација треба да ја подготви Комитетот на министри на Советот на Европа, составен од министрите за надворешни работи на 46-те земји-членки на организацијата. Со неа треба да се потврди обврската за обезбедување ефикасно уживање на правата и слободите гарантирани со Конвенцијата за секого во рамките на јурисдикцијата на земјите-членки во контекст на на нерегуларната миграција и состојбата на странците осудени за сериозни кривични дела, а земајќи ја соодветно предвид фундаменталната одговорност на владите да обезбедат национална и јавна безбедност. Се очекува политичката декларација да биде усвоена на следната формална седница на Комитетот на министри во Кишињев, во мај 2026 година.
СДСМ повика да се потпише Резолуција
Додека за миграциските предизвици во Европа се бараат нови решенија, на домашен план опозициската СДСМ секојдневно ја обвинува власта за наводен план за примање мигранти во Македонија. Вчера СДСМ јавно ја објави најавуваната „Предлог резолуција за заштита на државните интереси и спречување екстернализација на постапките за азил од трети земји на територијата на Република Северна Македонија“ и ја повика ВМРО-ДПМНЕ да ја потпише.
„СДСМ повикува на потпишување на Резолуцијата, ВМРО-ДПМНЕ да го потпише договорот со народот и заедно да ја поднесеме во македонското Собрание (…) Само така може да бидеме сигурни дека нема да има мигранти за пари во Македонија”, повика СДСМ.
Во предложенате резолуција се бара забрана за прифаќање на депортирани лица од трети земји и лица за кои е утведено дека нема правна основа да останат во трети земји; да се спречи трговија со човечки судбини; се констатира дека државата не располага со капацитети да стане центар за процесирање на азил за потребите на други; се бара земјата да спроведува исклучиво заеднички политики на ЕУ за миграција, а не билатерални. Исто така се бара Собранието да ја задолжи Владата веднаш да ги прекине сите евентуални преговори од таков тип и во рок од 3 дена да достави целосен извештај до пратениците за сите комуникации остварени со Владата на Обединетото Кралство или со други субјекти на таа тема. Се повикува сите политички чинители да се обединат околу овој став, штитејќи го достоинството на македонските граѓани, но и угледот на државата како субјект кој почитува правила, а не територија за туѓи експерименти.
ВМРО-ДПМНЕ: Мигранти нема да има
Додека Филипче е во опозиција, мигранти во Македонија нема да има, порача денеска владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
„За да го одвлече вниманието од сопствени проблеми, СДС на чело со Венко Филипче, се пушти на најјако во измислување лаги и манипулирање на јавноста, како и последната со мигрантите. И покрај тоа што сите во државата, но и британскиот амбасадорот негираа дека во Македонија ќе се носат мигранти од Велика Британија, СДС и Венко Филипче продолжуваат само за тоа да зборуваат. Иако знаат, уште еднаш им повторуваме: додека ВМРО-ДПМНЕ е на власт, во државава никакви мигранти нема да има“, децидна е партијата.
Оттаму посочуваат дека токму Филипче како министер во владата на Заев, активно работел на отворање на мигрантски камп во Бардовци.
„На ден 26.01.2018 година, во „Службен весник на Република Македонија“, број 16, страна 189, точка 1.6, стои: „Изработка на државно урбанистичко-планска документација за прифатен центар на странци за потребите на Секторот за гранични работи и миграции при МВР на КП бр. 35, запишана во Имотен лист бр. 2140 за КО Бардовци“, потсетуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека т.н. декларација и темата за мигрантски кампови, се само обиди за спас на криминалите на Заев и Филипче. „Тоа што треба СДС и Филипче да го направат, е да им се извинат на граѓаните за ширењето паника, сеењето страв и лажењето“, порача ВМРО-ДПМНЕ.(dw)






