Скопскиот аеродром со три милиони патници, до крајот на годината се очекуваат 3,2 милиони

Меѓународниот аеродром Скопје достигна три милиони патници годинава. По тој повод, раководството на аеродромскиот оператор во присуство на вицепремиерот и министер за транспорт Алекснадар Николоски приреди изненадување за три милионитиот патник, Милена Таскова која со семејството патуваше на релацијата Скопје-Бари. Среќната патничка доби бесплатни аеродромски услуги од сестринските компани на ТАВ и два бесплатни билета од Виз Ер по нејзин избор за патување од скопскиот аеродром.

– Три милиони патници на Скопскиот аеродром е историја, нешто што се случува првпат во Македонија, изјави министерот Николоски.

 

Според него, Меѓународниот аеродром Скопје станува центар за регионот, годинава бројот на патници ќе достигне 3,2 милиони, а следната година се очекуаваат 3,5 милиони.

 

– Драго ми е што ова прекрасно семејство коешто денеска патува до Бари ја имаше среќата да биде три милиониот патник на Скопскиот аеродром. Ако споредиме со нешто што се случуваше пред 10, 20 и 30 години ова било незамисливо, Скопскиот аеродром веќе станува центар за целиот регион. Од септември лани досега има 21 нова дестинација до Скопскиот и до Охридскиот аеродром, што рече Николоски, многу говори за нашата посветеност за привлекување нови авиолинии и ова се најмногу нови дестинации што ги вовела која било држава во регонот. Затоа не се случајни бројките и не случајно Скопскиот аеродром ќе заврши со 3,2 милиони патници, а Охридскиот со над 300.000 и ќе имаме над 3,5 милиони патници до крајот на годинава, посочи Николоски.

 

Годинава, потенцира министерот, имаме континуиран раст во бројот на патници. – Ако во март имаме раст од шест проценти, април девет проценти, мај осум проценти, јуни 12 проценти, јули седум проценти, август девет проценти, септември осум проценти, октомври 12 проценти. Веќе во ноември имаме 25 проценти раст споредено со ноември лани, што значи дека за една четвртина е зголемен бројот на патници што патуваат од македонските аеродроми, рече Николоски, наведувајќи дека тие резултати се проследени и со зголемување на бројот на туристите и развој на бизнисот.

 

Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија, подвлече дека од 2010 година кога го презеле управувањето со аеродромите, бројот на патници е зголемен за пет пати.

– Денеска го достигнавме три милионитиот патник во една година. Имавме чест лично да го поздравиме три милиониот патник, патничка која првпат лета за Бари и тоа ни значи многу. Во име на ТАВ Македонија и посакуваме среќа на неа и на нејзиното семејство, а и многу безбедни и убави патувања до различни дестинации. Според нашите пресметки до крајот на годинава се очекува бројот на патници на Скопскиот аеродром да достигне 3,2 милиони патници, а Охридскиот 262.000, што севкупно споредено со 2010 година претставува петкратен раст, рече Курт.

Првата година од работењето, 2010-та, дополни, заврши со 674.000 патници на Меѓународниот аеродром Скопје, во 2014 го достигнавме првиот милион, во 2018-та го имавме два милионитиот патник, а денес го имаме три милионитиот патник. – Тоа јасно го покажува нашиот визонерски пристап и заедничката стратегија за работа со Владата како наш партнер, оцени Курт.

Како што најави Николоски, од 6 април следната година стартуваат авиолините Скопје-Наполи и Скопје-Будимшпешта, а од 28 јуни Охрид-Катовице, Охрид-Вроцлав и Охрид-Милано, а ќе стартува и редовната линија Охрид-Виена на „Аустријан ерлајнс“. – Се надевам дека в’година, ако не 4 милиони, барем 3, 5 милиони патници да прославиме тука од скопскиот аеродром, изјави вицепремиерот Николоски.

Back to top button
Close