Филипче доби поддршка од коалициските партнери за предлог-резолуцијата за мигранти и го повика Мицкоски да ја поддржи

Лидерот на СДСМ Венко Филипче, на денешниот состанок со коалициските партии, доби целосна поддршка од нив за предлог-резолуцијата на СДСМ за спречување на влез на мигранти од трети земји во Македонија, соопштија од партијата.
На состанокот, кој се одржа попладнево во седиштето на СДСМ, како што посочија од Бихаќка, се разговарало за сериозноста на состојбата со која е соочена државата.
„Сите учесници се согласија дека е огромна опасност за Македонија да се вовлече во еден таков модел со којшто мигранти ќе доаѓаат во нашата земја. Еве, гледаме дека првите мигранти доаѓаат во Косово и во Албанија. Јас сум задоволен и благодарен што сите ја поддржаа предлог-резолуцијата за прекинување на овој процес за примање мигранти и, секако, дадоа и свои конструктивни предлози“,
рече Филипче по средбата.
Тој посочи дека заднината на владата на ВМРО-ДПМНЕ е јасна.
„На сите им е кристално јасна позадината, ние сме решени заедно да се бориме. И ова е силна порака – кога сме заедно, можеме многу повеќе. И тоа е многу охрабрувачки, поради тоа што резолуцијата не е партиско решение, ниту предлог. Тука се работи за државничко и граѓанско прашање“,
рече лидерот на СДСМ.
Тој го повика премиерот Христијан Мицкоски да даде јасен став дали ќе ја поддржи предлог-резолуцијата за прекинување на процесот за примање мигранти во Македонија.
„Уште еднаш ги повикувам ВМРО-ДПМНЕ, премиерот Мицкоски да не молчат, да одговорат на нашите повици, заеднички да ја потпишеме оваа резолуција и да ја поднесеме и да ја изгласаме во Собранието. Само така, ќе бидеме сигурни дека мигранти за пари во Македонија нема да има. Резолуцијата јасно и недвосмислено треба да гарантира дека во Македонија нема да се прифатат мигранти како резултат или како дел од било какви тајни договори, разговори, пакети или условени кредити“,рече Филипче.






