Филипче: Мицкоски да не се заканува, нека ја потпише Резолуцијата

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по состанокот со коалициските партнери, упати јасна порака до премиерот Христијан Мицкоски во врска со сериозните информации објавени во британските медиуми за можен прием на мигранти во Македонија. Наместо да се заканува Филипче го повика Мицковски да одговори дали ќе ја потпише Резолуцијата за прекинување на процесот на примање мигранти за пари во Македонија.
„Сметам дека, премиерот, не треба да се заканува. Поради тоа што тоа е многу сериозно прашање, кое што потекна од британските релевантни медиуми. Тука многу добро, сакаат да го испинуваат, да го превртат, да се закануваат, прашањето се уште стои и не е одговорено. Не е доволен ставот на премиерот. А прашањето е едно, ќе ја потпишете ли резолуцијата или не? Нека ја потпише. Тоа е единствениот начин да се одбраниме од нешто што може сериозно да ја загрози безбедноста на државата,“ истакна Филипче.
Филипче потсети дека СДСМ веќе ја достави резолуцијата до сите политички партии, како конкретен инструмент за заштита на националната безбедност. Денеска во јавноста објави дека таа добила силна поддршка од коалиционите партнери поради што Филипче го повика премиерот, јасно да го преземе чекорот кој најдобро ги штити интересите на граѓаните.
„Еве го предлог документот, резолуција со која што, тоа од што сите стравуваме а што го најавија британските медиуми, нема да се случи. Вистинското прашање е, зашто нема одговор на нашето прашање, ВМРО ДПМНЕ и премиерот да ја потпишеме заедно резолуцијата и така да изгласаме во Собранието? Гледајте, ако нема скриена агенда и ако нема договор, како што британските медиуми најавуваат дека ќе има, дека тука ќе се носат мигранти за пари, тогаш резолуцијата ќе ја потпишат“, констатираше претседателот на СДСМ.
Лидерот на СДСМ Филипче рече и дека целата јавност преку медиумите има можност да го види документот и сите политички претставници може да потврдат дали го виделе или не.
„Ние ја пуштивме резолуцијата во текот на вчерашниот ден. Целата јавност можеше да ја види преку медиумите. Имаа можност сите политички субјекти да потврдат дека ја виделе. Некој кажа ја видел, некој кажа дека не ја видел. Овие луѓе кои што се вечерва со мене ја виделе резолуцијата, предлогот текстот, немаат никаква забелешка. Сметаат дека тоа е единствениот начин да ние се одбраниме од тоа што е вистинска опасност за земјава“, рече Филипче.
На крај, претседателот на СДСМ Филипче порача дека Резолуцијата е јавен повик и обврска, а ВМРО-ДПМНЕ ако стои на страната на државата ќе ја потпише, ако не, граѓаните тоа ќе го видат.






