Немири на турнејата на Меси во Индија – навивачите фрлаа столици на теренот

Посетата на Лионел Меси на Индија беше нарушена со инцидент во Калкута, каде што избувна хаос откако незадоволни навивачи втрчаа на теренот на стадионот Солт Лејк, објавија локалните медиуми.
По пристигнувањето во Калкута, Меси беше пречекан од голем број навивачи кои се собраа на улиците на градот, поради што беше евакуиран од аеродромот преку алтернативна рута.
Инцидентот се случил за време на еден од планираните настани од неговата турнеја, а навивачите биле незадоволни бидејќи Меси поминал само пет минути на теренот, додека поголемиот дел од времето го поминал во друштво на политичари и моќни луѓе од градот Калкута, Западен Бенгал и Индија.
Главниот министер на Западен Бенгал, Мамата Банерџи, им се извини на Меси и на јавноста за пропустите во организацијата и нареди истрага.
„Длабоко сум вознемирен и шокиран од лошата организација што ја видовме денес на стадионот Солт Лејк. Искрено им се извинувам на Лионел Меси, на сите спортски фанови и на неговите фанови за овој несреќен инцидент“, рече Банерџи во објава на социјалната мрежа X.
Меси е во Индија за прв пат од 2011 година. За време на тековната посета, тој треба да учествува на концерти, младински фудбалски кампови, турнир во падел и хуманитарни настани во Калкута, Хајдерабад, Мумбаи и Њу Делхи.
По повод неговата посета, во Калкута беше поставена статуа на Меси висока 21 метар, која аргентинскиот фудбалер треба официјално да ја открие за време на престојот во градот.
Извор: fokus.mk






