Скопје ќе ја пречека Новата година со домашни изведувачи и без огномет
Новогодишната прослава на Плоштадот Македонија во Скопје годинава ќе се одржи без огномет, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Тој истакна дека за дочекот ќе настапуваат исклучиво домашни изведувачи, а во деновите околу Новата година ќе има и дополнителни програми за деца и млади. Целта, како што посочи, е фокус на забава наменета првенствено за младите.
Ѓорѓиевски информираше дека настапите на пејачите ги финансира Државна лотарија, додека трошоците за празничното украсување, кои ќе бидат под 70.000 евра, се покриени од буџетот на Град Скопје.
На новогодишната вечер на плоштадот ќе настапат Тамара Тодевска, Каролина Гочева, Миле Кузмановски, Огнен Здравковски, Кристина Димитриевска, „Кулу леле“, Лара, Пајак и „Два бона“.






