По бегството низ прозорец од полициска станица, се предаде 24-годишникот кој физички и психички ја малтретирал партнерката

По неколкудневно барање, 24-годишниот К. У., против кого се води постапка за кривични дела поврзани со семејно насилство, денеска се предал во СВР Битола. Тој бил лишен од слобода, а со него се врши службен разговор.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека предавањето било овозможено со координација меѓу полицијата, неговиот бранител и Основното јавно обвинителство Битола. К. У. се предал во 12 часот, по што инспектори од криминалистичката полиција започнале службен разговор со него.

Против 24-годишникот на 11 ноември 2026 година била поднесена кривична пријава поради сомнение за „Загрозување при семејно насилство“ и „Телесна повреда при семејно насилство“.

Случајот бил пријавен на 10 ноември, кога 21-годишна Битолчанка во СВР Битола соопштила дека истиот ден, околу 17 часот, била физички нападната од својот партнер. Според нејзината пријава, тој подолг период физички и психички ја малтретирал и ѝ упатувал закани.

К. У. првично дошол во полициската станица заедно со родител, но при преземањето службени дејствија, кога полицајците се обиделе да го лишат од слобода, избегал преку отворен прозорец од просторијата за разговор.

Од МВР информираат дека и натаму се преземаат мерки и активности во координација со Основното јавно oбвинителство Битола.

Back to top button
Close