Не сакаме да бидеме депонија на мигранти, вели Филипче

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, вели дека тоа што партијата со која раководи е против „увоз“ на мигранти од Обединетото Кралство, не се коси со социјалдемократските вредности. И покрај критиките во прогресивниот дел од општеството за ксенофобичност на партијата која требало да се постави сосема поинаку кон темата, Филипче продолжува да го брани познатиот став.
Венко Филипче:Не, апсолутно не. Ние немаме никаков проблем со мигранти коишто имаат мака и доаѓаат од некаде.
„360 степени“: Ама и овие луѓе имаат мака, штом отишле во Велика Британија.
Венко Филипче: Како имаат мака? Тие ќе бидат депортирани кај нас за пари. Ќе бидат сместувани некаде. Тие ќе внесат проблем. Па, гледаме каков проблем има со мигрантите во Велика Британија и во другите западноевропски земји.
„360 степени“: Ова е пристапот на владетелите што ги критикувате – Орбан, Трамп итн. Тие имаат таков однос кон темата мигранти.
Венко Филипче: Но, не е точно. Се поставува и друго прашање – зошто Владата не ја кажува вистината? Зошто вакви договори прави под маса? Зошто тоа се случува?
„360 степени“: Владата тврди дека тоа не е точно.
Венко Филипче: Пак ќе кажам, има механизми како тоа ќе се утврди и ќе се потврди. Имаме резолуција, нека одговорат на прашањата на британските медиуми.
Тој ја обвини власта дека ја спинува темата.
Венко Филипче: Еден чекор назад во однос на ксенофобијата, мигранти и така натаму. Не сакаме да бидеме депонија на мигранти. Не сакаме. Каква врска има тоа дали сме ние социјалдемократи, вакви вредносни или такви вредносни политики?
„360 степени“: Солидарност, емпатичност, би требало да биде дел од вашиот пристап.
Венко Филипче: Што е солидарност? Да земеме луѓе свесно, коишто не се подобни за некаде, да ги земеме кај нас за пари, по глава на мигрант, во дел од еден пакет од 6 милијарди евра. Тоа ли треба да го направиме? И треба да молчиме?
„360 степени“: Само претпоставуваме дека е така.
Венко Филипче: Гледајте, кога релевантни медиуми го кажуваат тоа, Владата не го демантира соодветно и не сака официјално со документ, така како што треба, да се заштитиме во Собранието – па добро, вие можете ли да ѝ верувате на Владата? Еве, зошто не го потпишат документот што се вика резолуција? Ќе дебатирале тие на ниво на општини. Секој ден само спинови. Ништо друго. Чија е обврската да се враќаат тие кредити? Кој е во ризик? Сите граѓани. Собранието е институцијата во којашто такви процеси се прават. Нема кредитот да го враќа Општина Кавадарци. Сите граѓани насекаде во државата ќе го враќаат кредитот.
Филипче вели дека ВМРО-ДПМНЕ ги извртува тезите и кога контрааргументира дека за време на владата на СДСМ, кога и тој беше министер, е донесена одлука за воспоставување центар за прием на мигранти во земјава.
„Гледајте, тоа е уште еден спин на владата, сакајќи да избегнат од темата и да избегнат одговор на вистинското прашање. Тоа нема никаква врска со мигранти. Центар за странци е институција којашто е од затворен тип, во којашто се сместуваат луѓе кои се детектирани на наша територија или на граница, дека имаат фалсификувани документи, пасоши, украдени документи и така натаму. И тие се задржуваат. И тоа е центар за странци, којшто е, внимавајте, составен дел од Министерството за внатрешни работи. И тој постои и сега. Тој постои во Општина Гази Баба – во поранешна градинка, на сосем несоодветно место, опкружено со згради, има луѓе… Ние сме гласале да се направи нов. Ете тоа е гласано. И сега ВМРО-ДПМНЕ, сакајќи целото тоа прашање да го испинува, да го преврти, да го направи како што не треба, кажува – еве и тие гласале за мигранти. Нема никаква врска. Тука на површина излегува нивната фабрика за лажни вести“,вели Филипче.






