Трамп ургира кај Си за ослободување на медиумскиот тајкун Џими Лаи
Американскиот претседател Доналд Трамп повика на ослободување на медиумскиот тајкун Џими Лаи, кој е во затвор околу пет години и е истакната личност во продемократското движење во Хонг Конг.

Зборувајќи откако Лаи вчера беше осуден за наводни прекршувања на законот за национална безбедност на Хонг Конг, наметнат од Пекинг, Трамп рече дека разговарал со кинескиот претседател Си Џинпинг и го замолил да размисли за ослободување на 78-годишниот издавач.
-Се чувствувам толку лошо, им рече Трамп на новинарите. „Тој е постар човек и не е добро. Затоа го поднесов тоа барање. Ќе видиме што ќе се случи.“
Лаи, основач на продемократскиот весник „Епл Дејли“, беше осуден за заговор против властите во Пекинг и Хонг Конг, обвинет за обид за соборување на Кинеската комунистичка партија.
„Епл Дејли“ беше принуден да се затвори во 2021 година откако властите започнаа истраги според сеопфатниот закон за национална безбедност наметнат од Пекинг.
Критичарите го нарекоа судењето политички мотивирано, тврдење отфрлено од Кина, која го осуди странското мешање. Пресудата на Лаи ќе биде објавена подоцна и тој се соочува со можност за доживотен затвор.
Останува нејасно кога Трамп разговарал со Си.
Извештаите сугерираат дека Трамп го покренал прашањето за време на состанокот со Си во Јужна Кореја пред неколку недели, а за време на изборната кампања во САД во 2024 година тој вети во подкаст: „100 посто ќе го извадам“.
Американскиот државен секретар Марко Рубио ја критикуваше пресудата, велејќи дека таа ги спроведува законите на Пекинг дизајнирани да ги замолчат оние што се залагаат за слобода на изразување и други права. Рубио цитираше извештаи дека здравјето на Лаи значително се влошило за време на неговите повеќе од 1.800 дена во притвор и повика на негово ослободување од хуманитарни причини.






