Исмаил: Дали најавените олеснувања за градба на хотели се темпирани да одговараат на хотелот во изградба на Сашо Мијалков?

Пратеникот од Левица, м-р Реџеп Исмаил – Хактан, ја проблематизираше најавата на Министерството за транспорт за олеснување на условите за изградба на хотели, оценувајќи дека таа е во директна спротивност со обврските на државата за заштита на статусот на Охридското Езеро.

Тој потсети дека клучната забелешка во извештаите на УНЕСКО, токму дивоградбите и пренатрупаноста ги посочуваат како главна причина за загрозување на езерото, па ваквите најави ги оцени како додавање отров наместо лек на веќе сериозниот проблем.

Исмаил нагласи дека туристичкиот потенцијал на Охрид, Струга и целиот охридски регион не се темели на масовна комерцијализација и бетон, туку на зачувана животна средина, чист воздух и заштитено езеро. Тој постави сомнеж дека најавените олеснувања за градба се темпирани за да одговараат на конкретни инвеститори и проекти во тек, посочувајќи го како пример хотелски објект на Сашо Мијалков, што отвора сериозни прашања за приоритетите на Министерството.

Во завршницата, пратеникот укажа на двојните стандарди во постапувањето против дивоградбите, односно, Министерството се прогласува за ненадлежно кога станува збор за дивоградби околу Охридското Езеро и во општина Чаир, а истовремено распишува тендери за уривање викендици во планинските предели.

Back to top button
Close