Студија: За поголем профит на фармацевтската индустрија пациентки со рак на дојка примаат лекови без докажана корист

Пациентки со рак на дојка премногу често се третираат со нови лекови за рак, чија корист не е целосно докажана и не секогаш делуваат врз нив, се наведува во меѓународна студија спроведена од Универзитетскиот клинички центар и Католичкиот универзитет од белгискиот град Лувен.

Во изработката на студијата, објавена во научното списание „JAMA Онколоџи“, учествувале истражувачи и експерти за рак на дојката, кои посочуваат дека фармацевтските компании не спроведуваат доволно истражувања за тоа колкава е користа од лекот или дури и да ги спроведуваат, добиените податоци не ги споделуваат во јавноста.

Експертите посочуваат дека неспорно оти новите лекови за рак на дојка можат да спасат животи, но тие не делуваат подеднакво кај сите пациентки и многу често се делотворни само кај различни специфична група на заболени, најчесто само на пет до 10 проценти од нив.

Во анализата се посочува дека и покрај ваквите сознанија, многу често новите лекови им се даваат на сите пациентки со рак на дојка, иако тие се делотворни само за одредени типови на овој канцер. Ова се должи на недостигот на прецизни биомаркери, кои би им овозможиле на лекарите да предвидат кои пациентки би имале корист од третманот со одреден лек и дали од неговото користење може да имаат несакани ефекти.

Раководителот на истражувачкиот тим, лекарот-специјалист за рак на дојка од Универзитетскиот клинички центар во Лувен, Ханс Вилдирс вели дека за разлика од медицинскиот персонал кој нема доволно податоци, фармацевтските компании преку извршените клинички студии поседуваат голем број податоци за делотворноста на лековите, но дека од комерцијални причини не ги споделуваат тие информации во доволна мера.

Во анализата се посочува дека фармацевтската индустрија има мал интерес за активно истражување на биомаркерите, бидејќи тогаш би остварувала помал профит. При тоа се додава и дека од користење на овие лекови за сите видови канцер корист има само фармацевтскиот сектор, бидејќи кај пациентите тие може да предизвикаат бројни несакани ефекти, а истовремено се зголемуваат и трошоци во јавното здравство.

Тимот на професорот Вилдирс истражувал што се случува со анализите на примероците од тумори и податоците за здравствената состојба на пациентките со рак на дојка кои учествуваат во клинички испитувања на новите лекови, при што заклучиле дека ниту едно истражување на биомаркерите не резултирало со исклучување на некои заболени од третманот со тие медикаменти.

Според Вилдирс, поради ова, истражувачите ги повикуваат фармацевтските компании да ја зголемат соработката со здравствените работници и да бидат потранспарентни при објавувањето на резултатите од спроведените тестирања.

– Фармацевтската индустрија сè повеќе спроведува истражувања самостојно, без соработка со академската заедница. Затоа бараме подобар пристап до податоците од нивните клинички испитувања, за да можеме сами да истражиме кои пациенти имаат, а кои немаат корист од некој нов лек за рак. На овој начин, можеме да избегнеме непотребни несакани ефекти и високи трошоци, вели Вилдирс.

Според него, целта на самата студија била да се истакне дека комерцијалните интереси и профитот не треба да одредуваат што ќе се случува со податоците добиени од клиничките истражувања и со анализите на самите примероци од туморите.

Во студијата се бара и на пациентките вклучени во клиничките истражувања во иднина задолжително да им се доставуваат податоците од тестирањата.

Според раководителката на Лабораторијата за истражување на ракот на дојка при Универзитетот во Лувен, Кристин Десмед, која и самата учествувала во тимот што ја подготвил студијата, многу пациенти воопшто и не знаат дека лекарите немаат пристап до анализите на нивните примероци од туморот или до податоците од клинички испитувања.

– Тоа треба да биде потранспарентно и поефикасно. Но, исто така сакаме пациентките да продолжат да учествуваат во клиничките испитувања, затоа што тоа ги зголемува нивните шанси за преживување или закрепнување, вели Десмед.

Во реакција на наводите во студијата, здружението на белгиските фармацевтски компании Фарма.бе, посочи дека фармацевтската индустрија е отворена за дијалог по ова прашање, но дека „не биле контактирани од истражувачите“.

– Сè уште не бевме во можност да ја проучиме студијата, што ни отежнува да дадеме детален одговор. Со години се стремиме кон поголем дијалог меѓу сите засегнати страни во рамките на здравствениот систем. За таа цел презедовме бројни иницијативи со лекари, организации на пациентите и креаторите на политики, вклучително и во текот на 2025 година, се додава во реакцијата на Фарма.бе.

Back to top button
Close