Иницијатива за вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ: Мицкоски да престане да се крие

Поранешните функционери кои бараат одговорност од партискиот врв за изборниот пораз посочуваат дека молкот на опозициските пратенички и на Унијата на жени укажува дека инцидентот со експратеничката Дамчевска Илиевска не е случаен

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да престане да се крие и да го осуди инцидентот пред домот на поранешната пратеничка Весна Дамчевска Илиевска бара Иницијативниот одбор за вонреден конгрес на опозициската партија.

Поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ кои бараат одговорност од партискит врв за изборниот резултат посочуваат дека молкот на опозициските пратенички и на Унијата на жени на партијата укажува дека инцидентот со Дамчевска Илиевска не е случаен.

„Молкот на пратеничките на ВМРО-ДПМНЕ за насилството на новната поранешна колешка и молкот на Унијата на жени се доказ дека инцидентот не е случаен“, велат од Иницијативниот одбор.

Од Иницијативата велат дека праќањето поранешни затвореници, криминалци и насилници пред домот на една жена не е и не може да биде замена за демократска дебата. Исто така, Иницијативата, како што пренесува „А1он“ , бара да бидат повлечени сите насоки за заплашување и вршење притисок врз членови на одборот.

Дамчевска Илиевска, која е во Иницијативниот одбор за вонреден конгрес во ВМРО-ДПМНЕ, вчера пријавила во полиција дека е цел на закани.

„Да се бара одговорност од раководството и одржување на вонреден конгрес е демократски чин. Да се испраќаат разни ликови пред нечиј дом, да се пишуваат вулгарни зборови, обвинувања без основа, лични навреди на социјалните мрежи е кукавички и нечовечен чин“, оцени Илиевска.

Како што јавија дел медиуми, полицијата вчера попладне го привела С.Ч. (29), кого експратеничката го пријавила дека ѝ упатил вербални и пишани закани и навреди. Станува збор за лице кое отслужувало затворски казни и е сторител на повеќе кривични дела.

Иницијативата за вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност од актуелното партиско раководство поради поразот на парламентарните избори на 15 јули, повикувајќи се и на изјавата на Мицкоски дека ќе поднесе оставка од лидерската позиција ако не освои повеќе пратенички места од СДСМ и ако не успее да формира влада.

Во иницијативниот одбор има повеќе поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, односно поранешни градоначалници, пратеници и носители на функции во извршната власт.

Back to top button
Close