Уапсен унгарски милијардер, поврзан со зетот на Орбан

Унгарскиот милијардер Даниел Јелинек, поранешен деловен партнер на Иштван Тиборц – зетот на Виктор Орбан – е приведен во рамките на голема истрага за корупција поврзана со државниот автобуски оператор „Воланбус“ (Volánbusz).
Централното главно истражно обвинителство (KNYF) соопшти дека речиси 40 службеници учествувале во координираните претреси и заплени. Четири лица биле испрашани како осомничени, а тројца се приведени под сомнение за поткуп поврзан со превозот на патници и набавката на автобуси, во трансакции вредни милијарди форинти. Обвинителите не ги објавија имињата, но унгарските медиуми меѓу осомничените ги спомнуваат Даниел Јелинек и поранешниот директор на Унгарската национална агенција за управување со државен имот, Норберт Сивек.
Истрагата се надоврзува на полициската постапка против осуммина поранешни раководители осомничени за злоупотреба на довербата и перење пари. Спорните трансакции во периодот меѓу 2015 и 2018 година наводно ѝ нанеле штета од околу 10 милијарди форинти на државната транспортна компанија „Волан“ (Volán), а се истражува и набавката на 608 половни автобуси по наводно надуени цени.
Групацијата „Индотек“ (Indotek Group) на Јелинек ја отфрла секоја вина. Според унгарските медиуми, тие тврдат дека милијардерот доброволно се одзвал на повикот за испрашување и соработува со истражните органи.
„Нашиот цврст став е дека Даниел Јелинек не сторил никакво кривично дело поврзано со овој случај“, соопштија од компанијата.
Богатството на Јелинек се проценува на околу 355 милијарди форинти, што го рангира на седмото место меѓу најбогатите Унгарци. Неговата групација „Индотек“ е една од најголемите компании за недвижности во земјата, а Јелинек деловно соработувал и со зетот на Орбан, Иштван Тиборц.
Јелинек претходно веќе бил осудуван двапати. Во 2022 година бил осуден за соучесништво во измама на буџетот поврзана со неуспешниот геотермален проект „Жана“ (Zsana), а на почетокот на 2025 година ја признал вината во посебен случај поврзан со фиктивни фактури и штета по даночниот систем во износ од 105 милиони форинти. Тој бил казнет со парична казна од 250 милиони форинти.
Унгарскиот политичар Петер Маѓар реагираше на апсењето на Јелинек изјавувајќи дека правосудниот систем „функционира“. Името на Јелинек претходно се појавуваше во политички обвинувања поврзани со продажбата на станот на Маѓар во Будимпешта. Лидерот на опозицијата, Ласло Тороцкаи, тврди дека имотот бил продаден на компанија поврзана со соработник на Јелинек по цена повисока од пазарната, што Маѓар категорично го отфрла.






