Која е новата лидерка на Венецуела на која Трамп ѝ се закани дека ќе помине полошо од Мадуро

Откако претседателот Николас Мадуро беше заробен за време на американска воена операција, раководењето со Венецуела го презеде извршната потпретседателка Делси Родригез. Овој чекор е во согласност со венецуелскиот устав, кој во членовите 233 и 234 пропишува дека во случај на привремено или трајно отсуство на претседателот, неговите должности ги презема потпретседателот.

Родригез, која ја извршува и функцијата министерка за финансии и за нафта, ја презеде новата улога во саботата попладне. Само неколку часа по веста за заробувањето на Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес, таа претседаваше со седница на Советот за национална одбрана. Окружена со министри и високи функционери, ја осуди американската воена операција и побара „итно ослободување“ на претседателскиот пар.

Стоејќи пред венецуелското знаме, Родригез изјави дека операцијата претставува флагрантно кршење на меѓународното право и суверенитетот на Венецуела. Таа нагласи дека таквиот чин треба да го отфрлат сите Венецуелци, но и да го осудат владите ширум Латинска Америка.

„Ги повикуваме народите на големата татковина да останат обединети, бидејќи она што му беше направено на венецуелскиот народ може да му се направи на секој. Оваа брутална употреба на сила за да се скрши волјата на народот може да се примени против која било земја“, порача таа во обраќање што го пренесуваше државната телевизија VTV.

 

Функционерка со „полна доверба“ од Мадуро

Делси Родригез (56) е родена во Каракас. Таа и нејзиниот брат Хорхе Родригез се деца на Хорхе Антонио Родригез, левичарски герилец кој ја основал револуционерната Социјалистичка лига. Според агенцијата „Ројтерс“ (Reuters), тој бил уапсен во 1976 година поради наводна вмешаност во киднапирање на американски бизнисмен и починал во полициски притвор, при што семејството тврди дека бил измачуван. Се наведува и дека Николас Мадуро го величел како херој на венецуелската левица.

 

Привремената наследничка на Мадуро дипломирала право на Централниот универзитет на Венецуела во Каракас, по што се специјализирала за работно право во Париз и продолжила со образование на Универзитетот Биркбек во Лондон, каде стекнала магистерска диплома по социјална политика. Повеќе од две децении таа е една од водечките фигури на чавизмот, политичкото движење основано од претседателот Хуго Чавес, кое по неговата смрт во 2013 година го води Мадуро.

 

Заедно со својот брат, сегашниот претседател на Националното собрание Хорхе Родригез, таа извршувала низа влијателни функции уште од ерата на Чавес. Беше министерка за комуникации и информации (2013–2014), а потоа и министерка за надворешни работи (2014–2017). Во таа улога ја бранеше владата на Мадуро од меѓународните критики, вклучително и обвинувањата за уривање на демократијата и кршење на човековите права.

 

Во 2017 година стана претседателка на Уставотворното национално собрание, тело што ги прошири овластувањата на владата откако опозицијата победи на парламентарните избори во 2015 година. Мадуро во 2018 година ја именуваше за потпретседателка, а таа функција ја задржа и за време на неговиот трет мандат, кој започна на 10 јануари 2025 година по контроверзните избори одржани на 28 јули 2024 година.

 

Венецуелската опозиција тврди дека изборите во 2024 година биле наместени и дека Мадуро не бил легитимно избран. Тие инсистираат дека вистински победник бил поранешниот амбасадор Едмундо Гонзалес Урутија — став кој го поддржуваат и некои влади од регионот.

 

Уставниот правник и политички аналитичар Хосе Мануел Романо за CNN изјави дека функциите што ги извршувала Родригез покажуваат дека таа е „многу истакната“ фигура во рамките на владата и личност која ужива „полна доверба“ од претседателот.

 

„Извршната потпретседателка на републиката е многу ефикасна оперативка, жена со силни лидерски способности за управување со тимови“, рече Романо. „Многу е насочена кон резултати и има значително влијание врз целиот владеен апарат, вклучително и Министерството за одбрана. Тоа е многу важно да се истакне во сегашните околности“, додаде тој.

 

На пат кон разбирање со САД?

 

Неколку часа по заробувањето на Мадуро, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека државниот секретар Марко Рубио разговарал со Родригез и дека таа изгледала подготвена за соработка со Вашингтон.

 

„Разговараше со Марко. Рече: ‘Ќе направиме сè што ви треба.’ Ми се чини дека беше прилично учтива. Ќе го направиме тоа како што треба“, изјави Трамп.

 

Овие изјави ги изненадија некои аналитичари, кои сметаат дека е малку веројатно Родригез да прави отстапки кон Соединетите Држави. „Таа не е умерена алтернатива на Мадуро. Беше една од најмоќните и најтврди фигури во целиот систем“, изјави за CNN Имдат Онер, политички аналитичар и поранешен турски дипломат кој служел во Венецуела.

 

„Нејзиниот подем на власт изгледа како резултат на некакво разбирање меѓу Соединетите Држави и клучни актери кои се подготвуваат за сценарио по Мадуро. Во тој контекст, таа во суштина би служела како привремена лидерка додека демократски избраниот претседател не ја преземе функцијата“, додаде тој.

 

Во своите први пораки, Родригез не покажа знаци на попуштање. Рано наутро, во телефонско интервју за VTV, изјави дека локацијата на Мадуро и Флорес е непозната и побара доказ дека се живи. Подоцна, на седницата на Советот за национална одбрана, ја заостри реториката, ја осуди американската операција и, и покрај сè, инсистираше дека Мадуро останува на чело на државата.

„Во оваа земја постои само еден претседател, а неговото име е Николас Мадуро Морос“, порача Родригез — сега, по сила на околностите, најистакнатото лице на венецуелската влада објави Скопје1.мк

Back to top button
Close