Славески очекува пад на инфлацијата и раст на економијата оваа година

Гувернерот на Народната банка (НБРМ), Трајко Славески вели дека инфлацијата ќе се движи по „патека на надолно приспособување“ и се очекува годинава да се сведе на 2,5 отсто, по што „постепено ќе се врати на својот историски просек од околу два отсто“.

Славески очекува закрепнување и на економијата во државата, за што, како што вели, во изјава за бизнис-магазинот „Економија и бизнис“, важна улога ќе имаат јавните инвестиции во патната и железничката инфраструктура и инфраструктурните проекти на локално ниво.

Според гувернерот, домашната економија досега покажува релативна отпорност на светските ризици, а позитивнитге трендови што се очекуваат годинава ќе го следат постепеното закрепнување на економиите на најзначајните трговски партнери на земјава.

„Домашната економија досега покажува релативна отпорност на светските ризици и ќе бележи солидно закрепнување и во наредниот период. Ваквите позитивни трендови се очекуваат и годинава, заедно со постепеното закрепнување на економиите на нашите најзначајни трговски партнери, како и засиленото остварување на инфраструктурните инвестиции во земјава“ вели гувернерот на Народната банка.

Славески посочува дека значителен придонес кон економската активност ќе имаат и приватните инвестиции, особено во производствениот и енергетскиот сектор, а кои, според него, ќе бидат поттикнати од солидниот прилив на странски директни инвестиции.

Тој очекува економските прилики да обезбедат солидна лична потрошувачка, која ќе се базира на умерениот раст на расположивиот доход на домаќинствата во кмбинација со стабилната кредитна активност на банките.

Покрај ова, според гувернерот на Народната банка, постепената стабилизација на економиите на надворешните партнери и поповолните услови на размена би довеле до закрепнување на извозот на стоки и услуги, со што ќе се зајакнат позитивните економски движења.

Сите овие фактори, посочува Славески, упатуваат на добри изгледи економскиот раст годинава да биде околу четири проценти.

„Инфлацијата ќе се движи по патека на надолно приспособување и се очекува дека ќе се сведе на 2,5 % годинава, по што постепено ќе се врати на својот историски просек од околу 2 %“наведува тој.

Главните фактори за ваквите очекувања, вели тој, се поволните движења на светските цени, закотвените инфлациски очекувања и ограничените притисоци од домашната побарувачка. Натамошната стабилизација на надворешната позиција на економијата, според Славески ќе обезбеди дополнителен девизен потенцијал и соодветно ниво на девизни резерви, неопходни за одржувањето на стабилноста на домашната валута.

Гувернерот истакнува дека високата светска променливост и неизвесност и понатаму постојат, но дека Народната банка внимателно ќе ги следи економските остварувања со цел да ја зачува ценовната и финансиската стабилност со цел да обезбеди поддршка за одржлив економски раст во наредниот период.

Според последниот извештај на Државниот завод за статистика (ДЗС) објавен вчера, индексот на трошоците на живот во декември минатата година бележи годишно зголемување од 4,1 отсто во однос на истиот месец претходната година. Истовремено, индексот на цените на мало е зголемен за 3,7 отсто.

Инфлацијата, мерена преку индексот на трошоците на живот, во декември лани е зголемена за 0,4 отсто во споредба со претходниот месец.

Според податоците од ДЗС, растот на трошоците на живот е резултат на повисоки цени во повеќе сектори, а најзначаен пораст во декември во однос на претходниот месец е забележан во групата транспорт каде има зголемување од 5,8 отсто.

Покрај транспортот, значителен придонес кон инфлацијата имаат и зголемувањата во секторот рекреација и култура кои се поголеми за 0,8 проценти.

Зголемување на трошоците имало и во групата здравје кои во декември биле повисоки за 0,7, додека мебелот, покуќнината и одржувањето на домаќинствата бележат зголемување за 0,5 проценти.

Помали, но сепак зголемувања се регистрирани и во групите ресторани и хотели, потоа во групите домување, вода, електрика, гас и други горива, а зголемување од 0,1 отсто се бележи и кај алкохолните пијалаци и производите од тутун.

Back to top button
Close