Швајцарското обвинителство нареди притвор за сопственикот на „Ле Констеласион“ поради ризик од бегство

Швајцарските обвинители денеска соопштија дека е одреден притвор за еден од двајцата сопственици на барот во ски-центарот Кран-Монтана, кој изгоре во новогодишната ноќ. Во пожарот животот го загубија 40 лица, а локалните медиуми јавуваат дека налогот за апсење е веќе извршен.
Обвинителството води истрага против сопствениците на барот „Ле Констеласион“, француските државјани Жак и Џесика Морети, под сомнение за сторени кривични дела кои вклучуваат убиство од небрежност. Притворот за Жак Морети е одреден поради опасност од бегство, откако семејствата на жртвите поднесоа тужби против сопствениците.
Повеќе од половината загинати во пожарот се тинејџери, а дополнителни 116 лица се повредени, од кои многумина се во тешка состојба.
Брачниот пар Морети преку своите застапници изрази жалење за трагедијата и најави целосна соработка со истражните органи. Швајцарските власти денешниот ден го прогласија за Национален ден на жалост.






