ЈУБИЛЕЈНА КОЛУМНА

И така 35 години. Каде бевме, каде дојдовме. Можеби ништо не се менува, ама сепак колумната останува. А јас кога ќе седнам да ја пишувам ја имам истата трема како на 12 јануари 1991.

Кога ја видов сликата како некој поп ги прскаше со света водичка новите полициски автомобили, ми текна дека во првите посткомунистички денови стана многу модерно да си верник. Па на 13 јануари 1996 сум пишал:

„Не знам како функционираат врските на господ со МВР. Можеби тој ќе им каже кој го извршил атентатот“.

Ова е напишано три месеци по атентатот врз првиот претседател Киро Глигоров. Па темата на атентатот се најде и во празничната литургија за Божик.

„Верниците што беа верници и за време на комунизмот ќе останат дома да го слават раѓањето на Христос, за да им ослободат место на новокомпонираните верници. А тие, бидејќи сé повеќе напредуваат,  вгодина во атмосфера на уште повеличествен огномет, покрај аплаузот, среде црква ќе почнат и да го скандираат името на господ.

Сега, кога на сите ни стана јасно дека господ го спасил претседателот Киро Глигоров, докторите од лекарскиот конзилиум што го лечеа можат слободно да си дадат отказ и да си отворат приватни фирми за трговија. А и ние сме биле глупави што два пати дневно ги чекавме нивните соопштенија. Штета што господ нема факс, па не можеше навремено да нé информира за здравствената состојба на Глигоров“.

Така сум пишувал во 1996. Факсот беше најновото откритие за комуникација. Денес, сликите на попот со полициските возила се појавија на Инстаграм. Има напредок, не дека ич нема.

А за вечната тема ЕУ сум пишувал речиси во секоја колумна и таа тема ми е најголемата болка и фрустрација. Не можам да се помирам дека целиот мој професионален живот сум го посветил на нешто што сѐ уште не ми се гледа достижно. Па уште во 2006, на 4 февруари сум забележал:

„Новата економска заедница што ја смисли ЕУ за земјите на Западен Балкан не е обнова на старата СФРЈ. Тоа е само подготовка за влез во ЕУ. Тие што не се дораснати треба да одат на претшколска настава.

Ние сега ќе тргнеме во ЕУ градинка.

Децата во градинка учат песнички, цртаат, си играат. Ние за почеток ќе учиме почитување закони. Во градинка учителките одат од масичка до масичка и на сите деца им викаат: „Твојот цртеж е најубав”. Нам ќе ни викаат: „Вие сте лидери во регионот”.

И така децата ќе се заборават во играњето. Уште и кога учителката ќе ги пофали дека се најдобри може и да се подмочаат од радост.“

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК

Back to top button
Close