Левица: Пратениците повторно испумпаа 14,4 милиони денари за патни трошоци

„Фактот дека само во 2025 година од државниот буџет се исплатени 14,4 милиони денари за патни трошоци на пратениците е брутален доказ за длабоко вкоренетата “култура” на расипнички, ненаситни и безобразни функционерски привилегии и отсуство на елементарна финансиска и морална одговорност. Во услови на вртоглава инфлација, уривање на животниот стандард и секојдневна борба на граѓаните за гол опстанок, ваквото голтање на народните пари претставува институционализиран грабеж и удар врз јавниот интерес“ соопштија денеска од Левица.

Од партијата велат „Патните трошоци се користат како паралелен канал за лично богатење. Станува збор за легализирано извлекување јавни средства без контрола, врска со реални трошоци и без отчетност кон граѓаните кои го полнат буџетот. Особено скандалозно е што `најскапите пратеници` се политички анонимуси, неактивни и безначајни фигури во законодавниот дом, без суштински придонес, законодавен учинок или видлив јавен ангажман. Односно, не станува збор за активни народни претставници, туку за пасивни буџетски паразити кои јавноста може да ги препознае единствено по сумите што ги инкасираат, а не по резултатите во служба на граѓаните“.

„Во ваков контекст, политичката ароганција на власта на ДПМНЕ што се манифестира преку продолжување на овие исплати претставува отворено демонстрирање на отуѓеност од социјалната реалност. Додека народот тоне под товарот на мизерните плати, скапата храна, високите сметки и недостижните кирии, владејачките елити си обезбедуваат удобност, луксуз и дополнителни приходи без трошка срам и надвор од секоја пропорција со економските можности на државата. Левица останува единствената парламентарна партија која, и во претходниот и во овој мандат, нема земено ниту денар за патни трошоци – ниту за гориво, ниту за патарини, ниту за кирии. За разлика од останатите пратеници кои функцијата ја доживуваат единствено како средство за што поголема акумулација на лични бенефиции и материјална корист, Левица доследно покажува дека пратеничкиот мандат е јавна одговорност и служба во интерес на граѓаните, а не привилегирана позиција за мегаломанство и ненаситност“ велат од опозициската партија.

Извор: fokus.mk

Back to top button
Close