Засилено обезбедување на Трамп по разузнавачки информации за можен ирански атентат

Израелската разузнавачка служба „Мосад“ ја предупредила американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) за наводни конкретни планови на Иран за атентат врз американскиот претседател Доналд Трамп и високи претставници на неговата администрација, вклучително и со употреба на беспилотни летала наполнети со експлозив.
Информацијата ја објави израелскиот весник „Израел Хајом“, повикувајќи се на високи израелски и американски функционери. Според нив, предупредувањето довело до засилување на безбедносните мерки околу највисоките американски претставници и дополнително ги намалило изгледите за договор со Техеран.
Изворите тврдат дека разузнавачките информации биле потврдени и од друга западна служба. На барање на американските власти, израелската страна дополнително ги проверила сознанијата.
Директорот на „Мосад“, Роман Гофман, во моментов престојува во САД, каде што се сретнал со директорот на ЦИА, Џон Ретклиф.
Висок американски функционер изјавил дека Вашингтон и претходно бил запознаен со заканите од Иран кон членови на администрацијата, особено по ликвидацијата на иранскиот врховен лидер Али Хамнеи во заедничка израелско-американска операција. Сепак, новите информации наводно укажуваат на понови и поконкретни закани, меѓу кои и можноста за напади со беспилотни летала со експлозив.
Поради безбедносните процени, американските функционери кои би можеле да бидат цел на напад значително го намалиле учеството на настани на отворено, а дел од нив привремено биле преместени од своите домови во обезбедени објекти.
Засилени се и мерките за заштита на Доналд Трамп, особено при јавните настапи на отворено. Бројот на таквите настани е намален, а за неговата безбедност се користат и специјализирани системи за откривање и неутрализирање беспилотни летала.






