Од денес задолжителна зимска опрема во возилата


Од денеска, 15 ноември, во Македонија стапува на сила обврската за поседување зимска опрема во возилата, која ќе важи до 15 март 2027 година. Но, исполнувањето на законските барања не значи секогаш и најголема безбедност на патот. Иако прописите дозволуваат возење со летни гуми и соодветни синџири за снег, зимските гуми имаат значителни предности при ниски температури, на снег, мраз и студени, влажни коловози.

Главната разлика меѓу летните и зимските гуми не е само во нивната шара, туку и во составот на гумата. Зимските пневматици се произведуваат од специјална гумена смеса која ја задржува еластичноста и при ниски температури. Наспроти тоа, летните гуми стануваат покрути кога температурите опаѓаат, поради што може да се намали нивното прилепување на коловозот.

Според информациите на Министерството за внатрешни работи и Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ), од 15 ноември до 15 март возилата што учествуваат во јавниот сообраќај мора да поседуваат пропишана зимска опрема.

За патничките возила со најголема дозволена маса до 3.500 килограми, прописите предвидуваат две можности:

Зимски гуми на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарата од четири милиметри.
Летни гуми на сите четири тркала, со шара од најмалку четири милиметри, под услов во возилото да има синџири за снег со соодветна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.
За возилата со погон на сите четири тркала (4×4), минималната длабочина на шарата на зимските гуми изнесува шест милиметри. Доколку се користат летни гуми, потребна е шара од најмалку четири милиметри и соодветни синџири. Кај возилата со постојан погон на сите тркала, синџирите треба да бидат обезбедени најмалку за задната осовина, додека кај возилата со преклоплив погон – за постојано вклучената осовина.

Кај возилата над 3.500 килограми, прописите предвидуваат зимски гуми со најмалку шест милиметри шара на погонските тркала или летни гуми со најмалку четири милиметри шара, во комбинација со пропишани синџири или други соодветни помагала.

Back to top button
Close