Тишината зборува погласно од зборовите: Родителите од „Пулс“ повикаа на солидарност со жртвите во Швајцарија

Со запалени свеќи и во тивка, достоинствена атмосфера, попладнево во Кочани се одржа мирен собир под мотото „Два града – иста болка“. Граѓани од сите генерации се собраа за да изразат сочувство и солидарност со семејствата на жртвите од трагедијата во швајцарскиот ски-центар Кран-Монтана.

Фото: Томислав Георгиев

На собирот присуствуваа и родители на децата кои загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Тие порачаа дека длабоко ја разбираат болката, загубата и празнината што ја остава една ваква трагедија, истакнувајќи дека тишината понекогаш зборува погласно од зборовите. Во нивниот повик, тие ги повикаа граѓаните на солидарност и сочувство со жртвите и семејствата погодени од трагедијата во Швајцарија.

Во знак на почит кон загубените животи, присутните испуштија 40 бели балони кон небото – симбол на младоста која прерано згасна.

Фото: Томислав Георгиев

Без говори и без транспаренти, собирот помина во тишина, прекината само од трепетот на свеќите. Пораката беше јасна – болката нема граници, а човечката солидарност ги поврзува градовите и луѓето во најтешките моменти.

Во пожарот во Кран-Монтана животот го загубија 40 млади луѓе, додека во трагедијата во Кочани, за време на настапот на групата ДНК, загинаа 63 лица.

Извор: fokus.mk

Back to top button
Close