Електродострибуција за дефектот во Велешко: Во недела настана дефект како резултат на силниот ветер – во 16 часот беше отстранет
Електродистрибуција испрати дообјаснување за дефектот во велешко кој резултираше со прекини во снабдувањето на електрична енергија.

Реонот на велешките села Отовица, Новачани, Кумарино и Сујаклари, како и подрачјето околу езерото Младост се напојува преку среднонапонскиот 10кВ извод „Црн Врв Нов“. На овој среднонапонски извод се поврзани вкупно 43 трафостаници (10/0,4 кВ) со комбинирана сопственичка структура, поконкретно, дел се во сопственост на Електродистрибуција, а дел во приватна сопственост.
Во изминатиот период, на овој извод се реализирани планирани активности за реконструкција на мрежата од страна на екипите на Електродистрибуција, а за ваквите зафати неопходно е да се обезбеди безнапонска состојба.
За планираните активности навремено се известени сите засегнати страни согласно стандардните процедури применливи низ целата држава, а истите се објавуваат и на веб страната на Електродистрибуција.
На 11.01.2026 (недела) околу 12 часот настана дефект на истиот извод, како резултат на силниот ветер кој го зафати регионот.
Екипите на Електродистрибуција работеа на отстранување на дефектот и покрај лошите временски и теренски услови и успеаја да го нормализираат снабдувањето во 16 часот.
Сите корисници имаат стабилно снабдување со електрична енергија.






