Повеќе од 3.400 демонстранти убиени во Иран

Најмалку 3.428 демонстранти се убиени во Иран од избувнувањето на протестите на крајот на декември, соопшти организацијата за човекови права „Iran Human Rights“ (IHRNGO).

Групата со седиште во Осло исто така наведе дека вистинскиот број на загинати би можел да биде значително поголем. Според организацијата, повеќе од 10.000 луѓе се уапсени за време на протестите.

Активистичката група изрази загриженост поради постапките на иранските власти и предупреди на масовни егзекуции на притворените демонстранти, пренесе ДПА.

IHRNGO се повика и на извештаите на државните медиуми, според кои најмалку 121 полицаец, како и припадници на безбедносните и државните сили биле убиени во немирите.

Овие бројки во моментов не можат независно да се потврдат. Интернетот во Иран е исклучен речиси една недела, а информациите полека стигнуваат до надворешниот свет. Од вчера, жителите во Иран повторно можат да воспоставуваат меѓународни телефонски повици.

Back to top button
Close