Филипче: Пратениците на Левица и ВМРО во Собранието не гласаа за повисока минимална плата
Пратениците на ВМРО, ЗНАМ, ВЛЕН и на Левица, денеска во Собранието не гласаа за зголемување на минималната плата на 600 евра, во услови кога работниците не можат да преживеат, нагласи претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервјуто во емисијата „Импакт“ на телевизија Шења. Филипче порача дека денеска дека ова е доказ дека на власта и на Левица не им се приоритет интересите на работниците – се вели во соопштението на СДСМ кое МИА го објавува интегрално.
„Денеска во Собранито беше одбиен Законот за зголемување на минималната плата.Денеска, пратениците на ВМРО, поддржани од целокупната коалиција, ЗНАМ и ВЛЕН, и пратениците на Левица, не гласаа за Закон за зголемување на минималната плата, која што ние го предложивме. Требаше да биде зголемена минималната плата на 600 евра. Го одбија и делот од законот, со кој што требаше да се субвенционираат предонесите за приватните компании, за да тоа не им биде терет на газдите на приватните компании, кога ќе ја зголемат минималната плата“ рече Филипче.
Претседателот на СДСМ додаде дека работниците се во тешка состојба, сегашната минимална плата не стигнува ниту за основните трошоци за живот, а власта е фокусирана на своите лускузи и партиски тендери.
„Ништо друго, оваа власт не ја интересира. Не го поддржаа законот за зголемување на минималната плата, работниците не можат да преживеат. Ниту три минимални плати не се доволни да се преживее месецот, да се обезбеди потрошувачката кошничка. И тие така, без око да им трепне, не го поддржаа законот во Собрание. Ете за таква власт станува збор, тие се заинтересирани само за себе“ рече Филипче.
Во интервјуто, Филипче говорејќи за економската и социјалната состојба, потенцираше дека власта ниту води грижа да обезбеди подобар животен стандард за граѓаните, ниту за одржлива финансиска политика, важни и се само партиските тендери.
„Ние не стоиме во место, имајќи предвид дека целокупниот регион напредува, ние практично назадуваме, младите се иселуваат. Милијарда евра недостасуваат во буџетот, пари кои што фалат и за плати, за пензии, за исплата на сувенции, за социјална помош. Околу милијарда евра е дупката во Фондот за пензиско осигурување, за две години е дуплирана од 500 милиони евра на милијарда евра, а наследија среден систем“, рече Филипче.
Филипче, во интервјуто, рече и дека Платформата во која учествуваат поранешни партиски функционери е проект на Мицкоски за раситнување на опозицијата и продолжување на неговото владеење.
„Седнаа со Левица да преговараат наши партиски поранешни функционери, на маса заедно со Левица, која што е партија против НАТО, партија против Европската Унија и партија која што се противи на албанскиот јазик. Ете, со таква партија сакаа дел од поранешните функционери да даваат алтернатива за опозицијата“, рече Филипче.
Тој подвлече дека оваа е антинационален проект на Мицкоски, ЗНАМ 2.0.
„Тоа воопшто не е опозиција. Тоа е антинационална, антидржавна, непатриотска иницијатива која што не води никаде. Проект на Мицкоски, ЗНАМ втор дел, кој што сака да нè раситни. Зошто? Со цел да може тој да продолжи да владее“, истакна претседателот на СДСМ.
Филипче порача дека обидите за раситнување на СДСМ нема да успеат и нагласи дека партијата има капацитет и визија да ја врати власта во рацете на граѓаните.
„Сакам јавно, јасно и гласно да им порачам: нема да им успее. Затоа што стожерна опозициска партија, која што ќе ја врати власта во рацете на граѓаните на следните избори, кога и да бидат, е СДСМ. Само ние имаме капацитет, волја, желба, вистинска визија што треба да се случува со државата“, потенцираше Филипче.
Тој нагласи дека во партијата постои силен консензус и единство за европската иднина на државата.
„Има силен консензус за тоа, апсолутно единство во ставот дека нашата иднина е само Европската Унија“, рече Филипче.
Линк до видео: https://www.youtube.com/watch?v=0bI7I2XQnDI






