Новите членки на Судскиот совет дадоа свечена изјава во Собранието
Собранискиот спикер Африм Гаши во објава на Фејсбук напиша дека со чинот на давање свечена изјава, новите членки на Судскиот совет ја изразија својата подготвеност да ја извршуваат функцијата со висока одговорност, независност, интегритет и професионализам, во служба на зајакнување на судскиот систем и владеењето на правото во земјата

И претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, им честита на новите членки и посочи дека тие се додадена вредност на ова тело, со што тоа ќе може да ја остварува својата надлежна функција
Универзитетската професорка Арлинда Кадри-Шахиновиќ и адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска денеска во Собранието дадоа свечена изјава како нови членки на Судскиот совет пред претседателот на законодавниот дом Африм Гаши и генералната секретарка Марина Димовска.
Тие станаа нови членки на Судскиот совет, откако на 12 декември со апсолутно мнозинство гласови беа избрани во Собранието, на предлог на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова
По чинот на давање свечена изјава, адвокатката Јошевска-Анастасовска за медиумите рече оти очекува дека заеднички ќе успеат од Судскиот совет да изградат силна институција.
„И чекот по чекор, храбро, отчетно, одговорно и трпеливо да почнеме да се движиме во позитивен правец и да придонесеме да се зголемува довербата во судството. Време е за интегритет. Време е за одговорност“рече таа.
Треба, како што додаде, да почнат со спроведување на новиот Закон за Судскиот совет и да ги донесат сите подзаконски акти, што се поврзани со него.
„Тоа понатаму треба да биде добра основа за градење силна институција“,вели Јошевска-Анастасовска.
Собранискиот спикер Африм Гаши во објава на Фејсбук напиша дека со чинот на давање свечена изјава, новите членки на Судскиот совет ја изразија својата подготвеност да ја извршуваат функцијата со висока одговорност, независност, интегритет и професионализам, во служба на зајакнување на судскиот систем и владеењето на правото во земјата.
„Срдечно им честитав за нивните нови должности и им посакав успех во исполнувањето на оваа важна мисија за институциите и за нашето општество“,вели Гаши.
И претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, им честита на новите членки и посочи дека тие се додадена вредност на ова тело, со што тоа ќе може да ја остварува својата надлежна функција.
Судскиот совет брои 15 члена, од кои осум избираат активните судии, двајца се членови по функција (претседателот на Врховниот суд и министерот за правда – без право на глас), тројца избира Собранието, а двајца се избираат во Собранието по предлог на претседателот на државата. Се смета за клучен орган во судскиот систем на земјата, одговорен за избор и разрешување на судиите и претседателите на судовите и за оценка на нивната работа.
Арлинда Кадри-Шахиновиќ е универзитетска професорка со академска кариера на Факултетот за правни и политички науки при ФОН, како и на приватниот универзитет МИТ. Таа беше дел од претседателската Комисија за помилување, чии членови колективно поднесоа оставки по реакциите од јавноста дека помилувале осуденик, член на скопска криминална група.
Сузана Јошевска-Анастасовска е адвокатка од Скопје, чија канцеларија работи од 2008 година. Во јавноста е позната и по настапите во медиумите на теми од правосудството. Таа беше и бранител на еден од обвинетите во судскиот процес за пожарот во Кочани.






