Владимир Панчевски во трка за Државен јавен обвинител: Поднесена кандидатура до Собранието


Поранешниот претседател на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски, официјално поднесе кандидатура за функцијата Државен јавен обвинител на Република Северна Македонија. Во пријавата доставена до Собранието, Панчевски наведува дека ги исполнува сите општи и посебни законски услови за извршување на оваа висока функција.

Владимир Панчевски има контроверзно минато како поранешен претседател на скопскиот Кривичен суд. Најсериозните обвинувања против него се однесуваа на злоупотреба на Автоматизираниот систем за распределба на судски предмети (АКЦМИС). Според обвинението поднесено против него, во периодот додека раководеше со Кривичниот суд, тој незаконски влијаел врз распределбата на предметите, со што се овозможувало тие да завршуваат кај однапред одбрани судии. За ова дело беше осуден на затворска казна, иако предметот помина низ повеќе судски инстанци и повторувања на постапката.

Судскиот совет тогаш го разреши Панчевски од судиската функција, оценувајќи дека неговото постапување сериозно го нарушило угледот на судството. Во јавноста беше забележан и друг случај, во кој против него беше изречена пресуда за мобинг кон судски службеник.

Постапката за избор на нов државен јавен обвинител почна со огласот што го распиша Собранието на 12 јануари годинава, со рок за пријавување од 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник“. Кандидатите мора да имаат непрекинат работен стаж од најмалку 10 години како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.

 

Back to top button
Close