Марк Карни: Време е да го тргнеме знакот од прозорецот
Говорот на Карни на Светскиот економски форум некои аналитичари го оценија како дефинирачки за една ера
Во говор на Светскиот економски форум во Давос, канадскиот премиер Марк Карни предупреди дека светот е во „прекин, не во транзиција“. Еве дел од неговиот говор:

„Денес ќе зборувам за прекинот во светскиот поредок, крајот на една убава приказна и почетокот на сурова реалност каде геополитиката меѓу големите сили не е предмет на никакви ограничувања.
Но, исто така тврдам дека другите земји, особено средно-моќните како Канада, не се немоќни. Тие имаат капацитет да изградат нов поредок што ќе ги отелотвори нашите вредности, како почитување на човековите права, одржлив развој, солидарност, суверенитет и територијалниот интегритет на државите.
„Моќта на помалку моќните почнува со искреност”
Се чини дека секој ден нè потсетуваат дека живееме во ера на ривалство меѓу големи сили. Дека поредокот заснован на правила исчезнува. Дека силните го прават тоа што можат, а слабите мора да страдаат тоа што мораат. Овој афоризам на Тукидид се претставува како неизбежен — како природна логика на меѓународните односи што повторно се наметнува. И соочени со оваа логика, постои силна тенденција државите да се прилагодуваат за да се вклопат. Да удоволуваат. Да избегнуваат проблеми. Да се надеваат дека покорувањето ќе им донесе безбедност.
Нема да донесе.
Па, кои ни се опциите?
Во 1978 година, чешкиот дисидент Вацлав Хавел, подоцна претседател, напиша есеј наречен „Моќта на немоќните“. Во него постави едноставно прашање: Како комунистичкиот систем се одржуваше?
Одговорот почна со еден продавач на зеленчук. Секое утро, овој продавач става знак пред својот прозорец: „Работници од сите земји, обединете се!“ Тој не верува во тоа. Никој не верува во тоа. Но сепак го става знакот за да избегне проблеми, да покаже послушност, да се прилагоди. И бидејќи секој друг продавач ја прави истата работа, системот опстојува.
Не само преку насилство, туку и преку учество на обичните луѓе во ритуали за кои приватно знаат дека се лажни.
Хавел го нарече ова „живеење во лага“. Моќта на системот доаѓа не од вистината туку од подготвеноста на сите да се однесуваат како да е вистина. А неговата кршливост потекнува од истата работа: кога само еден човек ќе престане да се однесува така, кога продавачот ќе го тргне знакот, илузијата почнува да се распаѓа.
Пријатели, време е компаниите и државите да ги тргнат тие знаци.
Со децении земји како Канада напредуваа под она што го нарекувавме поредок заснован на правила. Се придруживме на неговите институции, ги славевме неговите принципи, имавме корист од неговата предвидливост. И благодарение на тоа можевме да водиме надворешна политика врз основа на вредности, заштитени од него.
Знаевме дека приказната за поредокот заснован на правила е делумно лажна. Дека најсилните ќе се изземаат кога им одговара. Дека трговските правила се применуваат асиметрично. И знаевме дека меѓународното право се применува со различна строгост, зависно од идентитетот на обвинетиот или жртвата.
Оваа измислица беше корисна. А особено американската хегемонија помогна во обезбедувањето на заеднички добра: отворени поморски патишта, стабилен финансиски систем, колективна безбедност и поддршка на рамки за решавање конфликтите.
Затоа го стававме знакот во прозорецот. Учевствувавме во ритуалите. И главно избегнувавме да ги разоткриваме разликите меѓу реториката и реалноста.
Овој договор веќе не функционира.
‘Прекин, не транзиција’
Да бидам директен: Се наоѓаме среде прекин, не во транзиција.
Во изминатите две децении, низа кризи во финансиите, здравството, енергетиката и геополитиката ги разоткрија ризиците од екстремната глобална интеграција.
Но во поново време, големите сили почнаа да ја користат економската интеграција како оружје. Царините како средство за притисок. Финансиската инфраструктура како форма на присила. Синџирите на снабдување како ранливости што може да се експлоатираат.
Не можеш да „живееш во лага“ за меѓусебната корист од интеграцијата кога интеграцијата станува извор на твоја потчинетост.
Мултилатералните институции на кои се потпираа средно-моќните: СТО, ОН, КОП; самата архитектура за заедничко решавање проблеми, е под закана.
И како резултат, многу земји извлекуваат ист заклучок — дека мораат да развијат поголема стратешка автономија: во енергетиката, храната, критични минерали, во финансиите и синџирите на снабдување.
Оваа реакција е разбирлива. Земја што не може да се нахрани, снабди со енергија или да се одбрани, има малку опции. Кога правилата веќе не ве штитат, мораш сам да се штитиш.
Но треба да бидеме реални каде води ова. Светот на тврдини ќе биде посиромашен, покршлив и помалку одржлив.
И уште една вистина: ако големите сили ја напуштат дури и претставата дека ги следат правилата и вредностите, придобивките од „трансакционализмот“ ќе станат потешки за повторување. Хегемоните не можат постојано да ги монетизираат своите односи.
Сојузниците ќе се диверзифицираат за да се осигураат од неизвесност. Ќе купуваат осигурување, ќе ги зголемуваат опциите за да ја обноват сувереноста — сувереност која порано се базираше врз правила, но сега ќе биде сè повеќе заснована врз способноста да се издржи притисокот.
Оваа сала знае, ова е класично управување со ризик, но тоа има цена. Но трошокот за стратешка автономија, за сувереност, може да се сподели. Колективните вложувања во отпорност се поевтини отколку секој да гради своја тврдина. Заедничките стандарди ја намалуваат фрагментацијата. Взаемните надополнувања се добивка за сите.
„Реализам врз вредности“
А прашањето за средно-моќните, како Канада, не е дали да се прилагоди на новата реалност — мораме. Прашањето е дали ќе се прилагодиме само со градење повисоки ѕидови или можеме да направиме нешто поамбициозно.
Канада беше меѓу првите што го слушна сигналот, што нè доведе до фундаментална промена во нашата стратешка поставеност.
Канаѓаните знаат дека старите, удобни претпоставки — дека нашата географија и членството во сојузи автоматски ни носи просперитет и безбедност — веќе не се валидни.
Нашиот нов пристап се базира на тоа што Александар Стуб го нарекува „реализам врз вредности“ — или, со други зборови, целиме да бидеме принципиелни и прагматични.
Принципиелни во нашата посветеност на фундаменталните вредности: суверенитет и територијален интегритет, забрана на употребата на сила освен во согласност со Повелбата на ОН и почитување на човековите права.
И прагматични, признавајќи дека напредокот често е постепен, дека интересите се разликуваат, дека не секој партнер ќе ги дели нашите вредности. Затоа се вклучуваме широко, стратешки, со отворени очи. Активно го прифаќаме светот таков каков што е, не чекаме на светот што го посакуваме.
Ние ги прилагодуваме нашите односи така што нивната длабочина ги рефлектира нашите вредности. И приоритет им даваме на широките ангажмани за максимизирање на нашиот влијание, имајќи ја предвид флуидноста на светскиот поредок, ризиците што ги носи тоа и залогот што го имаме за иднините настани.
И веќе не се потпираме само на цврстината на нашите вредности, туку и на вредноста на нашата сила.
Ова е извадок од говорот на канадскиот премиер Марк Карни на Светскиот економски форум во Давос одржан на 20 јануари 2026 година. (Dw)






